Мицкоски: Немам намера да поднесам оставка за да му помогнам на Заев


Немам намера да си поднесам оставка за да му помогнам на СДСМ и на Зоран Заев, изјави денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пред седиштето на партијата, на која зборуваше по повод формирањето на новата Влада.

„Ваквите теми само одат во прилог на оние против кои се бориме. И додека сум жив, а доколку тоа не сум има план Б и план В, ќе се борам против оние кои му служат исклучиво нему, на Зоран Заев, за да си го заштитат својот криминал“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека „зборуваат за вонреден конгрес, но таква иницијатива нема стигнато ниту поднесено во архивата на партијата, што значи дека тоа е тема за да се прикаже ВМРО -ДПМНЕ слабо и да се одработи исклучиво за СДСМ и Зоран Заев“.

Зборувајќи, како што рече, за суштината, Мицкоски им се обрати на „сите оние кои прават криминал и одработуваат за милост и кои поради тој криминал потклекнале и се во скутот на Зоран Заев.

„Треба да знаат сега и во иднина, нема да правам компромис со криминалот, нема да дозволам да се прогледа низ прсти за сите нивни грешки и нема да премолчиме богатење на грбот на народот“, рече Мицкоски.

Тој најави жешка есен за СДСМ во и надвор од Собранието.

„Имаме нова влада со стари истрошени и компромитирани кадри и со неисполнети ветувања“, рече Мицкоски на прес конферецијата, додавајќи дека причината зошто до сега се воздржувал од јавни настапи била со цел да остави простор јавноста многу прецизно да го види, како што рече, препелкањето на власта, немањето на капацитет и нивната желба по секоја цена да ги задржи позициите и функциите кои им се извор за лично богатење.
Тој ги повтори познатите позиции на ВМРО-ДПМНЕ за неисполнетите ветувања на власта за просечна плата од 600 евра, нов клинички центар, за неизградените автопатишта, странски инвестиции, нови работни места, реформа во администрацијата и тн.
„Првата работа која ќе ја направеле ќе била уривањето на дивоградбата во Мавровка, откако се запали објектот и се градеше 4 месеци во мандатот на владата водена од СДСМ. Самите дозволија да се изгради и сега ќе ја уривале. Какво лицемерие“, рече Мицкоски.

Обраќајќи им се на членовите на партијата Мицкоски рече дека не затекнал партија од 450 илјади гласови, туку „поделена, игнорирана од меѓународната заедница, атакувана партија, чиј имот поради притисок беше и се уште е замрзнат и со луѓе по затвори додека вистинските криминалци на слобода“.

„И беше тешко. Многу внатрешни удари кои ги лепевме, правевме компромиси. Стигнавме до овде. Зло како оваа влада не се руши одеднаш туку со многу битки, многу труд и паѓање на оваа власт на рати. А ова денес е почеток на крајот на СДСМ“, порача Мицкоски, додавајќи дека оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести.