Мицкоски нема храброст да поднесе оставка, велат иницијаторите за вонреден конгрес


Како и што се очекуваше, Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ја отфрлија изјавата на Христијан Мицкоски дека нема намера да поднесе оставка на чело на партијата. Како што немаше храброст и став по ниедно прашање, така сега нема храброст ни да поднесе оставка, велат од оваа група  преку соопштение.                                                                                                        „Жалиме што денес, по исполнувањето на вториот услов за оставка – неформирање влада, не собра храброст и демократски капацитет да ја понуди својата оставка пред членството на партијата. Членството најдобро знае дека единствен виновник што Зоран Заев по втор пат стана премиер е Христијан Мицкоски.
Додека ‘шпицен’ кандидатот вчера го мачела дилемата дали да ја гледа синоќешната собраниска седница со пуканки или со чипс пред телевизор, членството на ВМРО-ДПМНЕ не може да се смири додека не најде одговор на прашањето ‘како можеше да се испушти ваква шанса’”, велат иницијаторите.
Според нив, одговорот бил јасен: „Човек што нема храброст да заземе став по ниедно прашање, човек што се крие на денот на избори и не им се заблагодарува на оние кои трчале за него, нема капацитет да го води ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот Мицкоски пред изборите тврдеше дека според навигацијата што ја имал и релевантните анкети, ВМРО-ДПМНЕ има огромна предност пред СДСМ. На изборите се виде дека или лажел, или немал харизма за да ја материјализира таа предност, или едноставно се договорил и му ја подарил победата на Зоран Заев.
Затоа одговорност и вонреден конгрес мора да има. Најпосакувано сценарио на Зоран Заев е Мицкоски да продолжи да ја води партијата во нови порази и после секој пораз да прогласува победи и да наоѓа оправдувања за пропустите.
Тоа не е опција ни за членството ни за Македонија. Потребно е силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе биде сериозна алтернатива и ќе го совлада Заев“, се вели во реакцијата на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес.