Мицкоски нема да го тужи Рашковски за објавените смс-пораки


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ преку својот портпарол Димче Арсовски соопшти дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски немало да го тужи генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски за пораките што беа објавен заедно со владиното соопштение. Владата го обвини Мицкоски дека „врши притисок врз институциите при што организираните активности за враќање на македонските граѓани во нашата земја и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува ‘уништување на државата’“.

Според Арсовски, „ова денеска што граѓаните можеа да го прочитаат во медиумите е обид за амнестија на Владата за целиот сомнеж за криминал кој го прави, пропратен со лажни грижи  за граѓаните. Нема хуманитарна акција каде што граѓаните сами си плаќаат.

Незаконското објавување на приватни разговори самото по себе повлекува одговорност пред судовите, но еве јавно изјавуваме да не се вознемирува дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нема да го тужи Драги Рашковски за изнесените разговори во јавност, затоа што добро е граѓаните да знаат дека ние сме единствените кои сме против сомневањата за криминалот и авантата на Владата на Заев и Рашковски и печалењето пари на грбот на граѓаните кои се враќаат во својата татковина“.

Во изјавата ВМРО-ДПМНЕ, „еден ден се ќе излезе на виделина. И криминалот на маката на граѓаните и авантите кои се земаат со одредени фирми и се што трпат граѓаните на нивниот грб. Тогаш ќе мора да се сноси одговорност, а тоа ќе биде многу набрзо кога канџите ќе бидат тргнати од институциите кои што треба да донесат правда во Република Македонија“.