Мицкоски е за избори на 15 јули, а на 8 јули ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција рече дека бара да се почека пристигнувањето на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР во Македонија, а следниот ден да почне кампањата за избори.

Според него, изборите тогаш би можеле да се одржат најрано кон средината на јули, а 5 и 8 јули не се опција.

Првата можна дата за избори е средината на јули, а за тоа ВМРО-ДПМНЕ има два услови, да се изработат протоколи за заштита на здравјето и да има фер и демократски и инклузивни избори, порача Мицкоски.

Мицкоски појасни дека ОБСЕ не е во можност да обезбеди набљудувачка мисија како онаа планирана за изборите закажани на 12 април, туку ќе пратат седум луѓе, кои ќе ги оценуваат изборите. Додаде дека, од мисијата ги известиле дека имаат имаат конкурс да се пријават луѓе, кои ќе бидат дел од таа мисија до 16 јуни. Најрано што можат да испратат луѓе тука од ОБСЕ, според Мицкоски е 19 јуни.

„Ние нема да поддржиме избори во кои нема да има воспоставено мисија на ОБСЕ и ОДИХР“, рече Мицкоски, појаснувајќи дека оваа мисија на ОБСЕ нема да биде набљудувачка, туку оценувачка.

Повтори дека ако мисијата на ОБСЕ стигне денеска, тогаш кампањата може да почне утре.

Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба, а откако лидерите на двете најголеми партии во државата владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски завчера во вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, продолжуваат да течат изборните дјствија за избори на 5 јули. Кампањата треба да започне на 16 јуни.