Мицкоски не знае дека величење на воен злосторник е кривично дело. Му прости на директорот Китановиќ


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски дели задолженија за судиите и обвинителите, оценува кој направил некакво злодело или не; понекогаш обвинува без докази. Но не знае дека величењето на воени злосторници кривично дело во судскиот систем на македонија.

Тој денеска го ослободи од вина директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, и нема да биде разрешен од функцијата иако преку Фејсбук го величаше осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. Китановиќ сфатил дека згрешил и се извинил, објаснуваше Мицкоски. Премиерот порача дека не треба да го распнуваме директорот и да бараме кривична одговорност таму каде што ја нема.

„Јас не сум информиран дека претставува кривично дело, но тоа што тој го кажа и тоа што владата го има како свој став е различно. Владата имаше свое соопштение. Владата е демократска, има своја дебата во рамките на коалицијата и кога ќе се донесе став за одредено прашање, сите чинители на Владата треба тој став да го следат“, рече Мицкоски.

Во Крвичниот законик во членот 407-а се наведува дека за величење, одобрување и минимизирање на геноцид и воени злосторства преку информациски системи се предвидува затворска казна до пет години. Законската одредба е децидна и во Кривичниот законик не постои опција за „повлекување на ставот“ откако делото е веќе сторено.

Според Мицкоски, коалициската влада треба да ги брани позициите зад кои застанала и сè друго е индивидуален став.

„Нема тука дали некој директор така кажал, дали пратениците во парламентот не гласаат, гласаат, се спротивставуваат на некој став и слично. Ако сме коалициска влада и ако коалициски ги браниме сите позиции, тогаш секоја индивидуална акција е соло акција и индивидуален став и нема никаква врска со ставовите на владата. И еве, господинот го повлече својот став, се извини и мислам дека сега не треба да го распнуваме за нешто и да бараме кривична одговорност за нешто за што самиот сфатил дека погрешил, се извини и го повлекол својот став“, одговори Мицкоски на новинарско прашање дали Китановиќ ќе понесе одговорност за величењето на Младиќ.

Китановиќ ја повлече објавата и му се извини на премиерот откако Владата го повика да се повлече од државната позиција ако не се согласува дека Ратко Младиќ е воен злосторник.

Премиерот Мицкоски беше подложен на остри ктритики на опозицијата и граѓанските организации затоа што не побара оставки и одговорност од министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и директорот Китановиќ.