Мицкоски не знае како ќе одиме кон ЕУ, уставни измени не планира
Премиерот вели дека за танцување биле потребни двајца, а некогаш и повеќе. Изет Меџити вели дека Македонија заостанала зад Албанија поради „лошо управување“
Оптимизмот на премиерот се претвори во исчекување кое не знае како ќе излезе. „Дали ќе има некаков напредок – не знам, дали ќе има промена на нашата позиција – нема да има“, рече денеска Христијан Мицкоски.
Тој изјави дека не знае дали е можно да се направи некаков исчекор во евроинтеграциите до крајот на годината. Она што го знае е дека владата ќе сторела сѐ што е во нејзина моќ да се обиде „нашето прашање да го претставиме онака како што е, пред сите светски авторитети. Уставни измени сигурно не планираме“, рече тој.
Вицепремиерот Изет Меџити, пак ја обвини претходната влада дека за седумте години не направила ништо за патот кон ЕУ, но дека приоритетот на сегашните власти останувале преговорите со ЕУ. Според него, Албанија добро одела напред, а Македонија го загубила чекорот поради „лошо управување“.
„Уставните измени сигурно не се планирани. Не знам дали е можно да се направи некаков исчекор, но знам дека ќе сториме сѐ што е во наша моќ да се обидеме нашето прашање да го претставиме онака како што е, пред сите светски авторитети. И тоа го направивме во изминатиот период. Дали ќе има некаков напредок – не знам, дали ќе има промена на нашата позиција – нема да има. Затоа што нашата позиција се темели на принципи и аргументи и тоа сме го кажале барем досега стотина пати. Доколку има волја има и начин. Тоа не зависи само од нас“, рече премиерот, кој присуствуваше на камен-темелник за надградба на ОУ „Ацо Шопов“ во населбата Радишани, во скопската општина Бутел.
Според него, за танцување биле потребни двајца, а некогаш можеби и повеќе. Тој вели дека во случајов треба да има соговорник којшто ќе сака да разговара. Мицкоски тврди дека во разговорите не слушнале аргументи кои биле спротивни на нивните аргументи.
„Веќе нема аргумент – земете или оставете, тоа веќе не е, сега имаме поинаква позиција. Сега позицијата е дајте да најдеме решение. Дали ќе постигнеме напредок за месец – два, шест месеци не знам, дали ќе дадеме сѐ од себе – ќе дадеме“, рече Мицкоски на новинарско прашање колку се реални очекувањата за некакво придвижување на евроинтеграциите до крајот на годината.
Тој најави дека во декември два пати ќе престојува во Брисел, каде ќе може повторно да разговара за нашето прашање поврзано со деблокада на евроинтеграциите.
„На почетоткот од декември ќе има билатерален тет-а-тет разговор со (Антонио) Кошта, по што ќе учествувам со него на вечера со другите лидери од Западен Балкан. На крајот на декември има самит ЕУ – Западен Балкан. И ќе се бориме, нема да седиме со скрстени раце или со бело знаме да мавтаме, како што беше до сега. Битно е да победуваме и мислам дека од поразите што ги нижевме изминативе седум годии полека почнуваме да победуваме, малку ситно, но победуваме. Тоа е нашиот план, таа е нашата агенда“, рече Мицкоски.
На неговиот прв заменик, Изет Меџити, му е мило што Албанија направи напредок на патот кон ЕУ. А Македонија го загубила чекорот со Албанија поради лошото управување.
„Посакувам Северна Македонија наскоро да ѝ се придружи (на Албанија) на оваа патека. Застојот на Северна Македонија во оваа насока е резултат на лошото управување во изминатите седум години од оние кои денес се дел од опозицијата“, изјави Меџити во интервју за РТК, соопштија од неговата партија.
Според Меџити, еден од клучните услови за Северна Македонија да стане дел од ЕУ е внесувањето на Бугарите во Уставот на државата, но и реформите во судството и спроведувањето на другите препораки од меѓународната заедница, за кои, како што посочил, актуелната Влада, се труди да ги реализира.
Тој изјавил дека приоритет на оваа Влада останува патот кон Европската унија.
Меџити најавил дека во вторник ќе се донесе одлука за целосно уредување на плоштадот „Скендербег“ во Старата скопска чаршија, во вредност од 20 милиони евра.
„Во овие 100 дена значителен фокус беше ставен на зајакнувањето на децентрализацијата, која е столб на Охридскиот договор. Децентрализацијата за Албанците во Македонија е двојно поважна, бидејќи идејата на Охридскиот договор беше преку зајакнување на општините, Албанците да ги остварат повеќето свои права без потреба да се обраќаат директно до Владата“, стои во соопштението од партијата на Меџити. (Н.В.)