Мицкоски не знае дали ќе постигне решение за евроинтеграциите – не преговарал туку разговарал
Воспоставен е директен контакт меѓу кабинетите на Мерц и Макрон со мојот кабинет, вели Мицкоски
Нема никаква дилема дека ќе разговараме, разговараме и сме разговарале со цел да бараме решение за евроинтеграциите. Прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Сител.
– Никој тоа не го спори, ниту пак некогаш досега некој тоа го спорел. Кога бев во Тиват, темите што јас ги разговарав со францускиот претседател Макрон и канцеларот на Германија Мерц, главна тема беше придвижувањето на овој процес и одблокирањето на кочницата што ја имаме пред нас. Така што не е нешто нелогично Владата да разговара. Прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори. Тоа е нашата задача и пред граѓаните кои ни ја дале довербата, но и како Влада, да разговараме и тука нема никаква тајна и ќе продолжиме да разговараме. Ако некој тие разговори ги смета дека еве сега ние треба да седнеме на маса, па тука официјално да почнеме преговори или разговори, тоа така не функционира, иако и ние би сакале и такви разговори да имаме доколку се создаде можност. Така што ние сме разговарале, разговараме и ќе продолжиме да разговараме. Друго е прашањето дали во тие разговори ќе успееме да постигнеме решение, имајќи предвид која е нашата позиција – рече Мицкоски.
Нашата позиција, додаде, беше комплетно предавнички губитничка врз основа на тоа што го потпишала претходната Влада.