Мицкоски не стравува од истрагата во Унгарија, сѐ било транспарентно
Премиерот Христијан Мицкоски порача денес дека не стравува од истрагата што се отвори во Унгарија околу заемот што тамошната Ексимбанка ѐ го даде под поволни услови на Македонија – бидејќи сѐ било транспарентно.
„Истрагата на унгарскиот кредит е внатрешна работа на Унгарија. Претпоставувам дека институциите таму ќе си ја завршат работата и претпоставувам дека ќе излезат со некако соопштение поврзано со тој заем.
Дали стравувам од истрагата? Апсолутно не, затоа што сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство, плус потврдено од двата парламенти и двете влади, а средствата се потрошени транспарентно. И сакам да изразам моја благодарност кон нашиот стратешки партнер Унгарија што, во времето кога се боревме да ја извадиме државата од банкротот што го наследивме од бандитската влада на СДСМ и ДУИ, тие беа први што ни излегоа во пресрет“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој беше убеден исто така дека Македонија сѐ уште има поддршка од Унгарија и покрај смената на владата таму и заминувањето на Виктор Орбан, а во врска со изјавите на новиот премиер Петер Маѓар околу прошпирувањето на ЕУ.
„Убеден сум дека тоа што го кажал Маѓар не го мисли за Балканот, бидејќи досега имаше неколку десетици изјави, откако дојде на власт, во кои вика дека поддршката кон Западен Балкан е искрена и недвосмислена, и никогаш не била под знак прашалник. Мислам дека тоа се однесува на други земји кандидати за членство во ЕУ“, рече Мицкоски околу информацијата дека Маѓар одбива да поддржи забрзана постапка за прием на било која земја кандидат за членство во ЕУ.