Мицкоски не прифаќа изговори, очекува производите во маркетите да поевтинат
Во очи на денешниот состанок со трговците, дистрибутерите и со производителите, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува намалување на цените производите во маркетите, а доколку не дојде до тоа, Влада ќе примени други мерки, меѓу кои јавно објавување на оние кои нема да го сторат тоа.
„Мојата порака ќе биде јасна, завршува кризата, граѓаните беа толерантни, сега е на ред тие да им се оддолжат на граѓаните и веднаш да пристапат кон намалување на цените на производите, посебно основните прехранбени производи“, изјави денес Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на маргините на конференцијата на ЦЕФ што се одржува денес во Скопје.
Тој додаде дека доколку тоа не се случи, Владата има механизми тоа да се спроведе „на еден поинаков начин“.
„Оправдувања и изговори не прифаќам, од типот не ни ги качиле, не ни ги намалиле цените и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови тогаш ние како Влада ќе реагираме, и ќе реагираме на подолг рок“, предупреди Мицкоски.
На прашањето колкаво поевтинување очекува и каде најмногу, тој одговори дека не би можел да каже конкретно, но нагласи дека е потребно основните прхранбени производи да претрпат корекција.
„Ќе направиме некои споредби какви се цените во регионот, какви се кај нас за некои од основните прехранбени производи и во одредени маркети ако треба по име и по презиме од утре јавно ќе ги објавуваме ние, па понатаму оставаме на нив“, рече Мицкоски.