Мицкоски не најде добар збор за пакетот мерки на Владата


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својата брза реакција по обелоденувањето на вториот пакет мерки на Владата за справување со последиците од корона вирусот го оцени како задоцнет и недоволен. „Не викам дека нема поединечни мерки кои не се добри и нема да помогнат. Но ви викам, ви тврдам дека целиот пакет за помош не е вистински и не е доволна помош која му треба на стопанството и граѓаните“, изјави Мицкоски од партиското седиште.

Според него, мерките за стопанството и граѓаните „се причина за огромна и сериозна загриженост дека нѐ чека црна и тешка економска криза“. Тој направи споредба со мерките што ги усвоиле некои земји од регионот, како Србија, Словенија и Грција, и почнувајќи да го образложува она што ќе го каже рече: „Ова што сега како анализа ќе го кажам нема да го слушнете на пресот на Заев и нема да го слушнете на пресот на Оливер Спасовски“.

Неговиот заклучок е дека „ова не се мерки за поддршка во стопанството, ова се мерки кои што треба да создадат привид дека некој работел и дека некој смислил мерки за поддршка во стопанството“.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови до Владата ќе достави уредби со сила на закон за мерките кои што ги предлага. Да се отвори дебата на самата владина седница за да може претставникот кој што ќе биде таму и кој што е дел од техничката Влада да ги брани тие мерки.

Првата мерка на партијата е да бидат покриени до 50 проценти од трошоците по основ на бруто плата за четири месеци – март, април, мај и јуни. Втората мерка е веднаш да се интервенира во вториот задолжителен приватен пензиски фонд и средствата кои што во висина од 10 милијарди денари биле предвидени за оваа година, да бидат со уредба со сила на закон пренасочени во единствениот државен задолжителен пензиски столб.

Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се организира состанок кој ќе го води премиерот на Владата, вицепремиерот задолжен за економски прашања, министерката за финансии, претставници на највисокото ниво на македонските банки, финансиски институции, гувернерот на кој што ќе се разговара за мек трансфер на средства од благајнички записи во државни хартии од вредност. Да може Народната банка најпрво да ја намали каматната стапка од 1.75 на 1.5 или 1.25 да станат помалку тие атрактивни на сметка на тоа да бидат запишувани државни хартии од вредност преку министерството за финансии.

На крајот од прес-конференцијата Мицкоски го поздрави намалувањето на платата на избраните и именуваните функционери на минималец од 14.500 денари за април и мај, како и укинувањето на додатокот на членовите на совети, на членовите на надзорни одбори на членовите на управни одбори сѐ додека кризата не заврши.