Мицкоски не исклучува постизборна коалиција со Беса


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа на одреден начин се обиде да да стави клин во изборната коалиција на СДСМ и Беса изјавувајќи дека не е неможно по изборите неговата партија да направи коалиција со движењето на Билал Касами. Гостувајќи во емисијата „360 степени“ на Алсат, Христијан Мицкоски рече дека не може да се исклучи коалицијата со Беса, а тоа го образложи со фактот дека Беса порано ја критикуваше владата на СДСМ и досега е во опозиција, па по изборите може да ја смени сегашната изборна коалициска политика и да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски, на неговата партија и да освои 61 пратеник сепак ќе и биде потребен албански фактор во владината коалиција затоа што за многу закони е потребно Бадинтерово мнозинство. Во таква ситуација, не треба да се гледа само кон ДУИ и Алијансата за Албанците, туку и кон Беса и таа тогаш може да го промени сегашново изборно партнерство со СДСМ и да се приклони кон ВМРО-ДПМНЕ.

Овие зборови на Мицкоски на некој начин се упатени до гласачкото тело на Беса кое може да ја намали поддршката за партијата, доколку уште сега се навестува оти може да го промени политичкиот партнер меѓу двете најголеми партии. Тогаш гласовите во одредена мерка да се прелеат кон ДУИ и Алијансата и на некој начин да ги ослабат позициите на СДСМ. (Н.В.)