Мицкоски не исклучува и кривична одговорност за солидарниот данок


Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека Владата ќе ја разгледа можноста за кривична одговорност на оние кои што донеле одлука за солидарниот данок, кој што е оспорен пред Уставниот суд и за околу две недели се чека конечната олука на судот дали парите ќе треба да се вратат на компаниите.

„Ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие кои што донесоа одлука на ваков начин да се води економијата, затоа што де факто Буџетот ќе биде оштетен“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите по промовирањето пат во Општина Петровец.

Доколку Уставен суд донесе одлука да се поништи законското решение за солидарниот данок, од државниот буџет ќе треба да се вратат 49,2 милиони евра на 156 компании кои го платија данокот. Законот за солидарен данок се донесе во септември во 2023 година. 

„Може утре и камати да ни бараат, ако Уставниот суд донесе одлука да се вратат парите од солидарниот данок“, вели Мицкоски.

Својата конечна одлука Уставен суд се очекува да ја донесе за околу две недели. Од таму  побараа мислење од Владата кое не е обврзувачко, но кое до сега по се изгледа не е доставено.

„Ние враќаме многу работи кои што не задожија претходните. Нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд, ако донесат таква одлука, што да правиме, мора да ги вратиме тие пари. Тоа е што е, ќе скратиме од нешто друго, ќе направиме ребаланс“, рече Мицкоски, додавајќи дека треба да се има предвид дека тоа не се негови лични пари, туку пари на сите граѓани кои што го полнат буџетот.

Неодамна на седница на Уставниот суд повеќето уставни судии сметаа дека има елементи на нарушување на уставноста, бидејќи со данокот се повредува владеењето на правото како и дека е ретроактивен.