Мицкоски: Не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сложно го донесоа законот за дивоградби


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кажа дека голем дел од естрадните политичари креваат врева заради донесување на одредени закони додека самите не преземаат никакви мерки во форма на амандмани за да го спречат носењето на тие закони доколку не се сложуваат.

Мицкоски не се сложува дека  СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го донеле законот за легализација на дивоградби сложно и дека СДСМ континуирано  го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека ги кочи законите.

-Не би рекол дека опозицијата и власта сложно го донесоа законот. Тоа беше закон за којшто разговаравме со Зоран Заев уште на онаа тет-а-тет средба, нели тоа беше еден од оние закони за кои опозицијата беше обвинета од страна на власта дека го кочи така што не би се согласил со ова ваше, би рекол провокативно тврдење дека сложно го донесоа. Има неколку естрадни политичари во парламентот кои кренаа голема галама во овој стил дека еве опозицијата и власта тоа го донесоа и се чудам зошто тие естрадни политичари не поднесоа неколку илјадници амандмани да го блокираат овој закон ако не се сложуваат. Има и таква можност пратеникот во парламентот преку филибастеринг да блокира определени законски решенија ако види дека неговото право да го аргументира со амандмани и да интервенира му е ускратено.  Така што јас навистина ги одбивам тие квалификации, потенцираше Мицкоски.

Во врска со информацијата дека претседателот Пендаровски не го потпишал законот рече дека право на претседателот е тоа да не го стори тоа, но дека во минатото ставил потписи на многу поштетни закони, како за економијата така за граѓаните и за националните интереси. 

Претседателот Мицкоски дополни дека законот за легализација на дивоградби  секако ќе дојде назад во парламентот и ги повика сите „естрадни политичари“ во него да го искористат своето право за блокирање за законот и да не се кријат позади дневно политиканство токму кога државата е руинирана на секој план од штетните политики за Заев. Според него една од многуте штетни политики е законот со кој владата ќе продава илјадници хектари земјоделско земјиште на што се противи ВМРО-ДПМНЕ.