Мицкоски: Најпрвин економски да зајакне државата, а потоа да се отвораат конзулати во Корча и на други места


 

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стратегија на Владата е најпрвин економски да се зајакне земјава, а потоа од консолидираните пари да се отвори македонски конзулат не само во во Корча, туку и во други земји во светот.

„Резултат на таа економска бездна во која што ние се наоѓаме се токму оние 180 евра буџет што ги добива македонскиот амбасадор во Тирана. И не само во Тирана, туку и 300 евра добива месечен буџет македонскиот амбасадор во Брисел, 300 долари добива македонскиот амбасадор во САД, бидејќи толку има ова покрадена, опљачкана Македонија која ние се обидуваме некако да ја консолидираме за да можеме со тие пари кои ќе ги консолидираме да отвориме не само конзулат во Корча, туку и во многу други места во светот“, рече Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот на Левица, Димитар Апасиев дали нашата влада ќе се заложи да се отвори македонски конзулат во Корча.

Премиерот потенцира дека во меѓувреме се обидуваат да дејствуваат преку почесни конзули. Се надева дека многу скоро од денеска ќе имаме конзулат и во соседна Албанија.

„Македонците не само во Албанија, туку и во Србија, и во Бугарија, и во Грција и во Косово, и насекаде во светот, треба да знаат дека еден од главните приоритети на оваа влада се токму тие, но и оние кои биле дел од таа економска асимилациска политика. Затоа, ајде заедно нормално да разговараме и да правиме стратегија како најпрвин економски да ја зајакнеме Македонија“, порача Мицкоски.

Потенцира дека ниту тој нема да го политизира ова прашање и посочи дека на средбата што се одржа викендов во Корча на македонските парламентарни партии со Македонците во Албанија учествувале и други владини претставници.

„Ниту јас нема да го политизирам ова прашање. Иако морам да кажам дека имам поголема институционална меморија во нашите контакти и комуникација со нашинците не само во Албанија, туку и во останатите соседни држави, но не само соседните држави, туку и во многу држави во светот. За да бидеме чесни до крај ора да признаете дека вашата колешка Лидија Петковска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ исто така беше на тој настан во Корча, исто како што беше и националниот координатор Затуровска и заменик-министерот на надворешни работи Зоран Димитровски. Да не биде сега дека не било претставена владата или не бил претставен парламентот, или ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој.

Премиерот нагласи дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, коишто декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.

„На пописот во 2011 година во Албанија има декларирано 5,5 илјади Македонци. Сега има околу 2.300. Вие рековте 2.000, еве јас ќе ве исправам отприлика се 2.300 и некаде осум илјади илјади Бугари. А во пописот во 2011 година во Албанија има нула Бугари. Прашањето е следно: Ако сега на овој попис во 2023 година има повеќе осум илјади Бугари, а во 2011 година 5,5 илјади Македонци а сега има 2300, теоретски останатите три илјади да потпаднале под асимилаторската бугарска политика, како што вие велите, овие што ја сочинуваат преостанатата разлика до осум илјади, што се, Албанци? Ние се грижиме за македонското малцинство насекаде. Вистинското прашање е зошто во Македонија околу 700-800 Бугари кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот треба да ги ставиме во Устав, а зошто Албанија го нема тој услов овие осум илјади да ги стави во Уставот? Тоа е суштинското прашање. Јас би сакал ние да разговараме како граѓани Македонци и останати, не само Македонци, туку и Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми и Власи. Ајде да видиме зошто дозволивме ова да се случи. Тоа е суштинското прашање“, рече Мицкоски.