Мицкоски најави засилување од „слободномислечки“ пратеници против уставните промени
И покрај пораката од власта дека не прифаќа референдум, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од иницијативата што ја нарече – приоритет над сите приоритети.
„Цениме дека ако е мудра власта и ако навистина го цени мислењето на граѓаните, бидејќи суверенитетот потекнува од нив, дека ќе го почитува нивното барање да се одржи референдумско изјаснување, изјави Мицкоски, при денешната посета на Свети Николе. Прашањето и овојпат не го знаеше, најавувајќи дека дополнително ќе и биде познато на јавноста.
-Во периодот кој што следи ќе се водат консултации со експерти од областа на референдумско изјаснување, уставното и меѓународното право за да се дојде до решение. Се надевам дека како постапка ќе биде најпрво прифатена од страна на спикерот Џафери во парламентот, а потоа и ќе собереме 150 илјади потписи и ќе излезeме на такво изјаснување. Но, ќе повторам уште еднаш, а тоа го зборував изминативе денови, дека треба да се насочиме на проблемот бидејќи ова се три одвоени процеси, рече Мицкоски.
Притоа посочи дека првиот процес е билатералниот спор заедно со Протоколот, што е извор на проблемот. Вториот е измената на Уставот, и тука треба граѓаните да се сигурни дека имаат потполна доверба во дадениот збор од страна на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а како дополнение е зборот практично на неколкумина слободномислечки пратеници во парламентот. Третиот процес, што според него зависи од вториот, е конечното презентирање или јавно усвојување на Преговарачката рамка, која според Брисел веќе е усвоена, но не и според Мицкоски.
– Значи отприлика тука, меѓу првиот и третиот процес треба да се бара референдумското изјаснување, рече Мицкоски уверувајќи дека и покрај дефетизмот што се ширел од власта, сигурен е дека нема да има промена на Уставот.
Тој нагласи дека е многу важно да имаат можност граѓаните да се изјаснат, а власта да покаже демократски минимален капацитет да прифати референдумско изјаснување, бидејќи се уште не е доцна да се исправат работите.
– Суверенитетот извира од граѓаните и ако навистина има минимум демократски капацитет кај СДСМ и ДУИ, тогаш не гледам причина зошто да не го прифатат референдумот, иако не исклучувам било какви политички маневри и гимнастики од страна на спикерот Џафери во Парламентот, изјави Мицкоски.