Мицкоски најави дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде критериуми до МТВ за избор на новинари


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека не гледа ништо лошо идната влада што ќе ја предводи тој да даде насока до јавниот сервис какви критериуми треба да се воспостават за избор на новинари. Тоа ќе биде директно мешање на извршната власт во независноста и објективноста на медиумите, вклучително и на МТВ.

„Не гледам причина зошто идната влада да не даде насока на раководствата на МТВ да ги нивелира така критериумите во кои ќе бидат луѓе коишто од националниот сервис, од Македонската телевизија ќе направат европски сервис со којшто сите ние ќе се гордееме“, вели Мицкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа, одговарајќи на прашањето зошто во програмата за изборите наведуваат дека во МТВ „ќе ангажираме образовани и способни новинари кои ќе ја доведат информативната програма на светско ниво“.

Зачудувачки, но Мицкоски ја продолжува елаборацијата дека немало ништо лошо доколку од владата биле одредени критериуми за врвно новинарство. „Што е тука лошо ако имаме критериуми за поголем квалитет на самиот медиум, јас не гледам нешто лошо, напротив мислам дека сите треба да се стремиме на тој начин ќе се зголеми и конкуренцијата и сите останати на пазарот ќе бидат поквалитетни, па треба владата да стимулира квалитет, па тоа е добро за идната влада да го прави, јас не гледам тука ништо страшно“, вели Мицкоски.