Мицкоски најави 70 нови проекти, не спомена ниту еден од нив 


ВМРО-ДПМНЕ на завршниот митинг во Скопје

 

Целиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери вечерва се собраа на платото пред Филхармонијата во Скопје на завршниот митинг за вториот круг од локалните избори. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, најави дека во наредниот период ќе имало реализација на 70 нови проекти во Македонија во образованието, здравството, земјоделството, културата.

Тој најави и серија конкретни мерки со кои ќе биде подобрен животот на луѓето и ќе ја зацврстат економијата. Но не кажа ниту една од тие мерка.

„Овие мерки не се само лист хартија, туку планови што ќе го променат животот на луѓето. Да, животот е скап. Да, секој ден е борба со сметки, со гориво, со кирија. Но нема да чекаме да се намалат цените сами од себе. Ќе создадеме услови, за повеќе пари во џебот, за поевтино живеење, за повеќе можности. Мора да ја направиме државата сојузник на граѓаните, а не непријателски систем кој е гнил и ги предизвикува да се иселуваат. Ниту еден млад човек нема да биде оставен без шанса за дом. Ниту една мајка нема да мора да избере меѓу кариера и семејство. Ниту еден бизнис нема да пропадне затоа што државата му стои на пат. Тоа е вистинската промена. Ова не е фантазија, ова е план“, објаснуваше општо тој.

Мицкоски рече дека Кичево се наоѓа пред историска можност да избере градоначалник кој ќе ја промовира инклузивноста и соживотот меѓу сите.  Мицкоски рече дека овој избор не е прашање на етничка припадност, туку на вредности и посветеност на сите жители на Кичево со цел градот да стане симбол на единство, прогрес и историска победа за сите.

Според него, Орце Ѓорѓиевски е сигурен победник на изборите во Скопје, но дека „погледите во него по изборите се вперени со двоен диоптер и многу цилиндри и ќе му се прати секој чекор и ќе се очекуваат брзи дејствија и резултати од него“.