Мицкоски на маршот за Делчев изјави дека СДСМ е против ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ е за Унијата

Христијан Мицкоски беше облечен во црвена маичка со ликот на Гоце Делчев (Фото: Борис Грданоски)

Според Христијан Мицкоски „Делчев е нашиот Мечкин Камен“, а луѓето од СДСМ биле лажни Европејци кои правеле сѐ за Македонија да не влезе во ЕУ

 

Со патриотска иконографија, маички со ликот на Гоце Делчев, слогани за одбрана на „македонизмот“, ВМРО-ДПМНЕ вечерва излезе на вториот од најавените протести за соборување на владата што беше формирана пред само две недели. Поводот е чувствителната точка на секој Македонец – Гоце Делчев и барањето на Софија во разговорите на комисијата за историските прашања тој да биде означен како Бугарин кој се борел за слободата на Македонија.

Забележливо беше дека бројот на оние што беа во маршот е поголема од оној минатата недела кога се протестираше за поскапувањето на струјата. Дали поради тоа што минатонеделниот протест не го постигна ефектот поради скромната посетеност, дали поради темата за денешниот марш – Гоце Делчев, или поради подобрата организираност на партиските структури, но вечершаната прошетка исполнета со скандирања на главните скопски улици имаше посилен ефект од минатонеделното незадоволство околу струјата.

Се пееше позната песна „Едно име имаме“, навивачката химна на „комитите“ – „Излези момче право на тераса“, се скандираше „Никогаш Северна, само Македонија”, „Оставка“, „Мафија“ додека се минуваше од пред Министерството за правда преку мостот „Гоце Делчев“ до Министерството за надворешни работи.

Кога стигнаа до целта, новата „патриотска ѕвезда“ Александар Пандов (претседателот на Патриотскиот совет) со патриотски говор ги подготвуваше присутните за обраќањето на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

„Гоце го има во химната, за кого би протестирале ако не за Делчев. Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет и затоа сме денес овде, затоа што Делчев е Македонија и столбот на нашето постоење како народ“, рече во уводниот дел од своето обраќање Мицкоски.

На овој марш имаше повеќе луѓе отколку на оној за поскапувањето на струјата (Фото: Борис Грданоски)

Потоа, тој зборувавеше дека неправедно им се лепат етикети оти биле анти-ЕУ и дека „македонизмот и она што сме не е ништо помалку важно од европеизмот, македонизмот е над и пред сѐ“. Тој, во согласност со партиската реторика ја обвини владата дека таа ја држела четири години Македонија подалеку од ЕУ (иако таа за три години ја внесе Македонија во НАТО и доби одлука од ЕУ за почеток на преговорите, што владата на ВМРО-ДПМНЕ не го направи за 11 години). „Ние сме овде собрани за почитување на различноста, солидарноста и взаемното разбирање. И да, денес сме тука и за Европската унија и за Гоце Делчев“, рече Мицкоски.

Тој уште рече дека „ова СДСМ предводено од Зоран Заев не е за Европската унија, затоа што тој е сѐ што е спротивно од она што претставува европска вредност“. Па додаде: „Тие се против Европската унија, затоа што се мафија која 4 години нѐ држи надвор од Европската унија и исто време се претставуваат како лажни Европејци, а во исто време не престануваат да крадат и лажат, расподаваат, понижуваат и засрамуваат. Заев не е иднината, тој е заканата за европската иднина на овој народ, на македонците, албанците, србите, власите, турците, бошњаците и сите оние коишто живеат во оваа наша мила и сакана Македонија“.

Нешто се случува во центарот за информирање на партијата кога во дистрибуирањето на говорот на Мицкоски имињата на припадниците на народите се напишани со мала буква (како што е наведено оригинално во цитатот погоре), што е целосно граматички неисправно. До неодамна такви грешки во партиските соопштенија не можеа да се најдат.

Мицкоски на крајот рече дека вечерашниот марш бил „подготвителен прв протестен собир“ и дека „Делчев е нашиот Мечкин Камен и нема да отстапиме ниту педа, ниту милиметар од Делчев“.

После овој говор на Мицкоски и неговото колнење во европските вредности веднаш се јави со реакција СДСМ во кое се вели дека „три години губитникот Христијан Мицкоски и неговото ВМРО-ДПМНЕ правеа сѐ за да го отежнат патот на државата кон ЕУ и НАТО, а денес истиот тој Мицкоски глуми дека е за членство во ЕУ. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа едниствените кои навиваа Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори, единствените кои блокираа реформи и структурни закони важни за интеграцијата во ЕУ“. Според СДСМ, „залудна е глумата на Мицкоски, граѓаните знаат дека тој е антизападен и антинароден политичар кој сака да ја врати државата назад во изолација и режим“. (Н.В.)