Мицкоски на конгресот на ЕПП порача ЕУ да ја исправи неправдата спрема Македонија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, денеска попладне на делегатите на конгресот на Европската народна партија (ЕПП) им порача дека местото на Македонија е во ЕУ и побара од членките на Унијата да го оценуваат напредокот на нашата земја според обврските што ги исполнила, а не според решавањето на билатерланите спорови. И да ја исправи неправдата што ѝ се нанесува на државава долги години.
Денес и утре во Валенсија, Шпанија, се одржува конгресот на ЕПП на кој ќе се избира нов лидер за следниот тригодишен мандат. Единствен кандидат е досегашниот претседател Манфред Вебер од германската ЦСУ, кој во исто време е и претседател на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент.
Мицкоски беше дел од обрќањата на лидерите кои не се дел од ЕУ. За 20 20 минути на овој панел свои обраќања имаа вицепремиерот на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, Христијан Мицкоски, Низар Барака од Мароко и претседателката на Молдавија, Маја Санду.
Своето кусо обраќање Мицкоски речиси целосно го посвети на македонскиот ќор-сокак на патот кон ЕУ поради спорот со Бугарија и неисполнувањето на условот од преговарачката рамка за впишување на Бугарите во Уставот. Тој тоа не го спомена директно, но побара од членовите на ЕПП и од институциите на ЕУ Македонија да го добие заслуженото продолжување на преговорите. Тој нагласи дека Европа не е целосна без Западен Балкан во ЕУ.
Заедно со Мицкоски во партиската делегација се и потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски.