Мицкоски на конгресот на ЕПП побара поголем ангажман на ЕУ во Западен Балкан

ЕПП на овој конгрес го прескокна прашањето за проширувањето на ЕУ кон регионов


Христијан Мицкоски за време на обраќањето на конгресот на ЕПП (Фото: ЕПП)

 

Европската унија мора да ги интензивира своите напори за интегрирање на државите од Западен Балкан и да им обезбеди јасен пат за членство во ЕУ заснован на заслуги, порача пред делегатите и гостите на конгресот на Европската народна партија (ЕПП), претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На собирот што се одржува во Букурешт тој рече дека „во годината на историски избори низ Европа и во рамките на мојата држава, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе предводи економски раст и стабилност. Наша цел е да се залагаме за политики кои стимулираат иновации, ги зајакнуваат малите и средни претпријатија и создаваат можности за македонската младина. Ние веруваме дека динамична економија е основата за процутот на општеството“.

Тој рече дека „нашата посветеност на демократијата, човековите права и владеењето на правото е непоколеблива“. Според него, поголемиот ангажман на ЕУ во Западен Балкан оди подалеку од едноставното проширување; се работи за обезбедување мир, стимулирање на економски развој и зајакнување на демократските институции.

Во неговиот кус говор тој зборуваше и за проблемот со Бугарија и „неправедните ограничувања“, но зборувајќи повеќе во генерална форма.

„Динамиката меѓу Бугарија и Македонија воведе неоправдани пречки кои негативно влијаеја на нашиот пат кон пристапување во ЕУ. Иако сме посветени на решавање на овие прашања преку дијалог и меѓусебно почитување, императив е да се признае дека овој процес бара реципроцитет. Како колеги европски држави, од витално значење е праведно да се ангажираме едни за други, признавајќи дека нашата заедничка иднина во ЕУ е заемно корисна и меѓусебно поврзана“, рече тој.

Мицкоски зборуваше во секцијата на првиот ден од конгресот каде свои говори имаа партиските лидери од земјите кои не се членки на ЕУ. Покрај него, во оваа секција зборуваа Петро Порошенко од Украина, Борјана Кришто од Босна и Херцеговина, Ервин Ибрахимовиќ од Црна Гора и една од поголемите ѕвезди на овој конгрес на ЕПП, претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Делегатите на конгресот го усвоија манифестот на ЕПП за европските избори во јуни наречен „Наша Европа, безбеден и добар дом за нашите луѓе“. Конгресот усвои шест резолуции, три обични и три итни. Првата е да се усвои законодавство што ќе им дозволи на државите-членки на ЕУ да конфискуваат замрзнат руски имот. А една е директно насочена кон имплементацијата на владеењето на правото во Албанија и случајот на градоначалникот на приморското гратче Химара, Фреди Белери, кој е осуден на две готини затвор за „купување гласови“. Нема резолуција која се занимава со проширувањето на ЕУ.