Мицкоски на идните пратеници ќе им подели и читанка „Проект – Обнова“


Неколку лекции ќе има за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од 16 јули.

Тоа денеска го најави професорот Христијан Мицкоски во улогата на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, за политичарите веќе да не мислат оти ќе бидат „привилегирана каста“. За да знаат дека припаѓаат на народот партијата ќе им подели на пратениците читанка наречена „Проект – Обнова“.

„Политичарот треба да биде тука долу со народот и тоа ќе биде првата лекција која што идните народни избраници од Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ ќе ја добијат на 16 јули, заедно со читанката наречена ‘Проект – Обнова’. Тоа ќе биде првата лекција која што ќе мораат да ја знаат. Нема веќе канцелариски политичари, туку заедно со народот ќе бидат за да учат, а тоа што ќе го научат од народот ќе треба да го спроведат“, рече Мицкоски во Јегуновце, Тетовско.

Другата лекција од читанката „Проект – Обнова“, според Мицкоски, е дека „политичарите треба да се жртвуваат за сопствениот народ. Политичарите треба да го водат народот, а не да се кријат зад него“.

Објаснувајќи зошто се бори за „подобро на сите генерации“ тој рече дека „изминативе 30 месеци поминав стотици илјади километри низ нашата мала но достоинствена, горда татковина. Разговарав со илјадници сограѓани, учев од нив за маката, за тешкиот живот, а тоа се гледа и во нивните очи. Не треба многу човек да е аналитичен, доволно е само да го погледа човека во очи и тогаш во таа длабочина на човечкиот поглед можете да видите сѐ“.

Тоа што го видел било инспирација за програмата на партијата, која се создавала „збор по збор, реченица по реченица, пасус по пасус и тоа со часови, денови и ноќи, заедно со партиските комисии, заедно со многу експерти кои што не се партиски определени коишто се од земјава и коишто се од странство“.

На собирот во Јегуновце зборуваше и носителката на партиската листа во Шестата изборна единица, Дафина Стојаноска. (Н.В.)