Мицкоски му се јавил на градоначалникот на Крива Паланка, Ангелов понудил помош

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски од СДСМ, кој вчера бараше помош откако огнот дојде блиску до куќите, по што интервенираа и екипи од Бугарија, денес соопшти дека сепак во текот на денот добил повик од премиерот Христијан Мицкоски и дека Стојанче Ангелов му помагал во справувањето со пожарот. Тој тоа го соопшти на фејсбук:
–Кога природата се разбеснува, кога огнот ја голта шумата и заканува на директно на домовите, тогаш вистинската сила на еден народ, на еден град, се гледа во тоа кој ќе застане рамо до рамо со тебе.Длабоко, длабоко се поклонувам пред секоја пожртвувана рака, секое срце што чукаше за својот град. Нема зборови што ќе можат целосно да го опфатат тоа што го сторивте, но ќе се обидам да ви се заблагодарам – како човек, како пријател, како ваш градоначалник:
-Коста Костадинов, мојот колега и брат од Струмица – веднаш се стави на располагање.
-Драган Анастасов, градоначалникот на Пробиштип – со отворено срце.
–Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци – кој од првиот миг реагираше.
-Огниан Атанасов, градоначалник на Ќустендил – не само што испрати екипи, туку лично дојде и застана со нас-рамо до рамо.
-Амбасадорот на Република Бугарија во РСМ-за неговата лична вклученост и Владата на Република Бугарија – за поддршката и човечноста.
-Припадниците на АРМ и МВР, кои не размислуваа ни секунда – само дејствуваа, со срце и ред.
– Вработените и директорот на подружница Кр.Паланка на Македонски шуми
-Вработените од Општина Крива Паланка
-Компаниите: месарница Алка, градежни компании Дине Трејд и Трново М, рудник Тораница и уште многу други кои безрезервно помогнаа – со вода, со храна, механизација, логистика.
-ЈП Комуналец – хероите во сенка.
-Црвениот Крст – за грижата, за логистиката, за тоа што не сте „само организација“, туку душа на хуманоста.
-Посебна благодарност до момците од ТППЕ Крива Паланка – нашите вистински лавови! Нема зборови доволни за вашата храброст. Секоја минута беше борба за живот.
-И, најмногу – вие, луѓе мои, народе мој, кои тргнавте со шишиња вода, со лопати, со чисто срце, со ништо друго освен љубов кон Крива Паланка! Вие сте срцето на овој град. Ви се поклонувам! Оваа борба нема да се заборави. Ќе се памети како денот кога покажавме дека Крива Паланка не се предава! Никогаш!Ви се поклонувам и од срце Ви благодарам за вашата лавовска борба!
Исто така целиот тој тежок и драматичен ден, покрај храброста на нашите пожарникари, доброволци и граѓани, едно нешто остави посебен и силен впечаток – тоа што луѓето можеа да нè видат сплотени и обединети пред заедничкиот предизвик. Без поделби, без политички предзнаци – само со една цел: да го заштитиме нашиот град. Затоа дозволете ми да ја споделам и оваа важна информација – во текот на вчерашниот ден, лично Премиерот Христијан Мицкоски ме контактираше во неколку наврати, нудејќи поддршка и координација. Во целата акција активно се вклучи и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој ја следеше ситуацијата во реално време и обезбеди воздухопловна поддршка. Истовремено, пратениците Љупчо Николовски и Емил спасовски дадоа свој придонес и изразија подготвеност за соработка, а во текот на денот беа и лично присутни на терен.
Ова не е време за поделби, туку за обединување. И верувам дека граѓаните тоа го препознаваат и го ценат. Само заедно – со чесност, истрајност и емпатија – можеме успешно да се справиме со вакви големи предизвици. Кога е најтешко – ние сме најсилни. Кога е опасно – ние не бегаме, туку застануваме заедно.Ова не е само град. Ова е семејство. Ова е љубов. Токму ова е Крива Паланка, напиша Митовски.