Мицкоски легнувал со мислата да го смени Заев. Така и се будел


На четвртата годишнина од доаѓањето на власт на Зоран Заев, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, изјави дека од тој ден Македонија секој ден губела и дека сега народот живеел најтешко во 30-те години независност. Тој изјави дека најголема одговорност за смена на власта била кај опозицијата „и јас со таа одговорност заспивам и се будам, и ќе продолжам да се борам“.

Според Мицкоски, владата на Заев „ги урна стандардите во политиката, ненормалното стана нормално, никој повеќе не очекува од Владата да решава проблеми, туку секојдневната е борба барем да не создава нови проблеми.

И најважно од тоа е ако треба во кратки реченици да се опише ова четиригодишно владеење би кажал имаме четири години украден живот, украдоа четири добри години од животот на секој еден граѓанин, ги празнат џебовите на народот, но ја крадат и правдата заменувајќи ја со неправда. Четири години хибриден режим на мафијата на власт“, рече тој денеска на прес-конференција.

Мицкоски ја нападна владата дека правела „трговија со име, идентитет, историја, нација, светли херои, за возврат договор со Бугарија кој им дава право да нѐ блокираат, одземена европска иднина и многу, многу криминал и неправда“.

Потоа тој во детали набројуваше моменти каде не успеала Владата. Од растот на економијата, преку даноците, странските инвестиции, енергетскиот систем, здравството, жртвите од пандемијата, образованието… за да заклучи: „Мафијата мора да биде на колена, поразена, и спроведена пред лицето на правдата“.

За да се закажат предвремени избори потребни се 61 пратеник и Мицкоски го повтори она што го кажува повеќе месеци наназад – дека партијата работи на обезбедување на такво мнозинство. Кога ќе го обезбеделе ќе ја информирале јавноста, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.