Мицкоски ќе зборува на сесијата „Бог, татковина, семејство“ на конференцијата на крајната десница на ЦПАЦ во Будимпешта

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, се најде во клубот на крајни десничари и десничарски популисти на конференцијата на ЦПАЦ Унгарија (Конференција на конзервативната политичка акција), која вчера и денес се одржува во Будимпешта. Тоа е унгарска филијала или франшиза на оригиналот од САД, каде Мицкоски присуствуваше на годишниот собир на ЦПАЦ во февруари.
Мицкоски ќе учествува на последниот панел со назив „Бог, татковина, семејство“ во попладневните часови и, според програмата ќе има десетминутно обраќање. Оваа панел-сесија ќе ја затвори холандскиот крајнодесничарски популист, Герт Вилдерс, со што и ќе заврши собирот.
Всушност, на овој дводневен собир во речиси сите што учествуваат се дел од „патриотската“ крајна десница од Европа и светот. Само Мицкоски е претставник на партија која е дел од централно-десничарската групација Европската народна партија. Забележливо е дека тој сѐ повеќе го прифаќа овој „патриотски дом“ како негово природно политичко опкружување.
Единствениот левичар што е присутен на собирот е славачкиот прмиер Роберт Фицо, но тој е политички сојузник на поппулистичката тврдина што ја гради заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Зборувајќи вчера, на првиот ден од ЦПАЦ Будимпешта, Фицо му одговори на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој претходно оваа недела предвиде користење на буџетската моќ на ЕУ против Словачка и Унгарија доколку тие продолжат да го попречуваат дејствувањето на ЕУ по прашања како што се санкциите кон Русија.
„Накратко, неговата порака беше: ‘Ако не се покорувате и продолжите со вашите суверени позиции… ќе бидете казнети’“, рече Фицо. „Никој“, продолжи тој, „не треба да има право да се однесува кон другите земји-членки на ЕУ на овој начин, без оглед на нивната големина и економска сила. Силата на Европската унија лежи во компромиси, меѓусебно почитување и отфрлање на диктатите на посилните против послабите“.
Вчера на говорницата се изнаредија евроскептици, па и политичари кои се против ЕУ. Тука беше грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе, кој ја однесе неговата земја многу блиску до Кремљ а многу подалеку од Брисел; па поранешниот премиер на Чешка, популистот Андреј Бабиш. Потоа лидерот на екстремната десница во Австрија, Херберт Кикл од ФПО; па поранешниот премиер на Полска, Матеуш Моравјецки, лидерот на крајната десница од Шпанија, партијата Вокс, Сантијаго Абаскал. И редица унгарски политичари кои работат во владата или се дел од партијата Фидес.
Тука е и контроверзната десничарска инфлуенсерка од Холандија, Ева Влардингерброк, поранешната британска премиерка Лиз Трас, политичари од крајно десничарската грчка партија Глас на разумот, претставници на италијанската Лига…
Ѕвезда на денешниот дел од програмата е Алис Вајдел, лидерка на Алтернатива за Германија. (Н.В.)