Мицкоски ќе чека Заев утре до 14,30 часот да ја поднесе оставката


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска објави дека новото парламентарно мнозинство чека премиерот Зоран заев утре до 14,30 часот да ја поднесе најавената оставка во Собранието. Доколку Заев тоа не го направи новото мнозинство ќе ја отпочне процедурата за гласање недоверба на Владата.

На прес-конференцијата тој објаснуваше дека во целиот проект за менување на власта ќе оделе скала по скала.

„Првата работа е да се качиме на првата скала прво, да не гледаме на 27-та. Потоа има процедури, закони, Устав кои треба да се почитуваат. Мандат се дава на мнозинство. Да почекаме да се случи првата работа, Зоран Заев да си го исполни единственото ветување кое очекуваме да го исполни, иако лично не очекувам. Но, во понеделник во 14,30 ч. ја доставуваме иницијативата во парламентот и понатаму оставаме на претседателот на парламентот да ги почитува законските рокови и процедурите кои важат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој побара трпение за менаџирање на спротивставените ставови на дел од партиите во новото мнозинство – Левица од една и албанските партии од друга страна. Мицкоски порача дека „ако било лесно, немало да биде тој, туку некој друг“ и оти „не постои работа која не може да се реши“.

Додека Мицкоски одговараше на прашања на новинарите му се слоши на градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов и тој падна. На Папазов му притрчаа на помош колегите околу него. Папазов очигледно почувствувал слабост, но потоа сѐ беше во ред со него.

Инаку, Мицкоски ги собра градоначалниците од неговата партија за да се договорат како да работат понатаму и да ги исполнуваат дадените ветувања.