Мицкоски ќе чека избори колку што Заев чекаше влада


Претстојните априлски избори ќе бидат десетти во историјата на плурализмот во земјава, а петти по ред вонредни. Премиерот Зоран Заев мината седмица, по француското „не“ за Македонија на самитот на ЕУ, најави брзи избори, по што, на лидерската средба во претседателската резиденција, побарал тие да се одржат на 22 или на 29 декември годинава. Но, бидејќи опозицијата инсистирала на 100 дена за формирање преодна влада, падна договор за избори на 12 април или речиси половина година отсега. Со тоа овој мандат на Заев како премиер ќе биде две години и седум месеци бидејќи неговата влада стартуваше на 1 јуни 2017 година или повеќе од шест месеци по изборите на 11 декември 2016 година. Конститутивната седница на парламентот кој беше избран на крајот на 2016 година заврши дури на 27 април 2017 година, кога Талат Џафери конечно беше избран за прв парламентарец.

Шестите парламентарни избори во 2008 година беа први вонредни и се одржаа на 1 јуни, или два месеца откако Македонија доживеа фијаско на самитот на НАТО во Букурешт. Набрзо по грчкото вето за членството во Алијансата, тогашниот премиер Никола Груевски ја вклучи на најсилно националистичката реторика и побара од граѓаните да му обезбедат апсолутно мнозинство во парламентот за да може сам да формира влада. Во владата што ја формираше откако му се исполни желбата за најмалку 61 пратеник како негов партнер влезе Али Ахмети, односно ДУИ.

Предвремените избори во 2011 година се одржаа на 5 јуни. Терминот го одреди Груевски на крајот на март, по неколкумесечна политичка криза во земјава, откако тогашниот опозициски лидер Бранко Црвенковски се откажа од сите услови што ги поставуваше за излегување на изборно соочување. Тие избори значително ја намалија разликата во гласови меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Во почетокот на март 2014 година на конвенцијата, на која Ѓорге Иванов по вторпат беше избран за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Груевски најави предвремени парламентарни избори заедно со вториот круг гласање за шеф на државата, кој се одржа на 27 април. Тогашниот премиер како причина за двојните избори ги наведе наводните уцени од ДУИ, која бараше владејачката коалиција да има консензуален кандидат за претседател. ВМРО-ДПМНЕ оствари двојна победа, но СДСМ не ги призна изборите и речиси една година отсуствуваше од работата на парламентот.

Непризнавањето на изборите во 2014 година, практично, ја навести големата политичка криза во земјава во 2015 година, чија иницијална каписла беше објавувањето на аферата со масовното прислушување. Последните парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016 година, иако уште во јуни 2015 беше потпишан пржинскиот договор, во кој стои дека изборите треба да се одржат на 24 април 2016 година. Силните политички турбуленции во тој период го одложија изборниот термин за речиси осум месеци. Во меѓувреме, Груевски поднесе оставка, во два наврати се формираше преодна влада – на чело со Емил Димитриев, министри од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ влегуваа и излегуваа од владата, еднаш беше распуштен и парламентот, па се отповикуваше одлуката за тоа, а имаше и ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ достави и кандидатски листи за пратеници во ДИК, па ги повлече откако остана сама во изборниот ринг. (А.М.М.)