Мицкоски ќе чека да поминат изборите, па после ќе се справувал со „бомбите“


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва изјави дека нема да презема ништо додека не завршат изборите околу аудио снимките кои секојдневно се појавуваат во јавноста. Христијан Мицкоски рече дека „ќе оставам тоа што е пуштено во етер да си тече така, за мојата интервенција да не се протолкува како притисок“. Зборувајќи на Телма Мицкоски најави дека по изборите како иден премиер „и тоа како“ ќе се зафател со „бомбите“ и ќе постапувал и против „тој што ги објавува и против тој што ги презема овие аудио материјали“.

Тој вели дека има само една страна што ги пуштала тие бомби и изјави дека уште зимоска премиерот Оливер Спасовски рекол оти кампањата за тогаш закажаните избори на 12 април ќе биде „нечиста“, а  Зоран Заев „самиот се прогласи дека е Бошко Буха“. Но не исклучи дека дел од овие „бомби“ поседува и политичкото подземје.

Мицкоски најави дека главна интенција во политичкиот дел на владата чиј претеседател ќе биде тој, е да се отвори Уставот и со измените „сите да се нарекуваат Македонци, а потоа да се изјаснуваат според етничката припадност“. Мицкоски тврдеше дека за таа негова намера добил согласност од оние Албанци што присуствувале на граѓанските трибини што ги организира ВМРО-ДПМНЕ.

Тој не е сигурен дека е можно да се дојде до двотретинско мнозинство во парламентот за комплексот уставни промени што се најавени во изборната програма на партијата, но дека е добро да се отвори дебата за тие предлози. Според него, главниот проблем не е дали граѓаните се чувствуваат како Македонци, Албанци, Турци… туку дали се чувствуваат како еднакви граѓани, дека ги мачи корупцијата, неправдите во судството, сиромаштијата…

Тој ги повтори веќе познатите изјави околку новото име на државата, дека би бил лицемер ако не ја признава реалноста, затоа што министер од нивната партија учествува во Владата која го носи новото име. Но, ќе работи на подобрување на договорите со Грција и Бугарија, затоа што „мое основно демократско право е да ја сменам реалноста на договорите“.

Мицкоски немаше јасен одговор со која од албанските партии би правел коалициска влада, кога сите се апсолутно против чепкање на двата договори, и изјави само дека „ќе седнеме со партиите на Албанците да разговараме за владеење на правната држава во целата држава“. (Н.В.)