Мицкоски ќе барал одговори од Себастијан Курц за клиничкиот центар
Вмровскиот лидер не верува дека австриската влада помогнала во изготвувањето на физибилити студијата за новиот клинички центар и рече дека СДСМ го „поганел“ името на Курц. СДСМ го обвини Мицкоски дека користел „подмолна“ стратегија на средбата со Заев
Еден ден по соопштението на СДСМ, во кое Христијан Мицкоски беше обвинет дека и покрај ветувањето ја кочи изградбата на новиот клинички центар, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека владејачката партија го „поганела“ името на австрискиот канцелар Себастијан Курц. И дека ќе побарал од него, како партиски пријател, да каже дали физибилити студијата за новиот клинички центар била договорена меѓу австриската и македонската влада и да му посочи австриски примери за вакви болнички центри.
„Го поганите името на австрискиот канцелар Курц, кој истовремено е претседател на нашата сестринска партија ОВП, наведувајќи дека тој го поддржува овој ваш криминален потфат во обид, а за време на изборите во 2016 жестоко го навредувавте и плукавте. Ви ветувам дека лично ќе разговарам со него и ќе го запознаам со овој ваш криминален потфат во обид и ќе побарам од него мислење како тоа се трошат минимум 510 милиони евра народни пари за 35 странички т.н. физибилити студија и ќе побарам да ми даде еден таков пример во Австрија за да можеме да споредуваме. Познавајќи го, се сомневам дека е вистина тоа што го пишувате во штапските соопштенија“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
СДСМ реагираше на она што Мицкоски го кажа за време на интервјуто во четвртокот за МТВ кога зборувајќи за проектот на новиот клинички центар рече: „Додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го поддржам, ама ќе поддржам изградба на клинички центар кој ќе биде пофункционлен и најмалку три пати поевтин и кој ќе биде врвно издание во Европа“. Мицкоски ова го кажа мавтајќи со документот за физибилити студијата кој му го дал премиерот Зоран Заев за време на нивната неодамнешна средба во четири очи и на која вмровскиот лидер се согласил да даде поддршка за клиничкиот центар.
СДСМ во соопштението го обвинува Мицкоски дека искористил „подмолна“ стратегија да го добие документот.
„Очигледно целта на Мицкоски му била на подмолен начин да дојде до документите кои му беа доставени, да ги злоупотребува и да манипулира со податоци. Сѐ што вети на таа средба Мицкоски не оствари, па и понатаму неговата партија во парламентот блокира 27 закони, меѓу кои и тој за изградба на нов клинички центар“, велат од СДСМ.
Потоа, владејачката партија наведува како дошло до изработката на физибилити студијата:
„Она што за Мицкоски е ‘непостоечки проект’ всушност е физибилити студија изработена заедно со помош на австриската влада предводена од канцеларот Курц. Физибилити студијата е договорена на ниво на австриската и македонската влада во форма на стручна бесплатна помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава. Таа физибилити студија е одобрена од Националната агенција на Австрија – АХЦ“.
Според партијата, две реномирани европски компании, германската „Вамед“ и француската „Буиг констракшн“, ќе бидат вклучени во изградбата на клиничкиот центар и оттаму бараат ВМРО-ДПМНЕ да престане да ја манипулира јавноста и да измислува приказни за непостоечки проекти.
Мицкоски во писанието на Фејсбук уште рече дека „изгоревте две реномирани европски компании кои сум сигурен дека нема повеќе да сакаат ни телефонски повик да добијат од најкорумпираната влада во Европа, владата на Зоран Заев“.
Неодамна, Мицкоски изјави дека при разговор со неговиот партиски пријател Јанез Јанша, словенечкиот премиер му рекол оти зад фамозниот но-пејпер за прекројување на граници на Балканот наводно стоеле Зоран Заев и двајца европратеници, Тонино Пицула и Тања Фајон. Пицула на таа изјава реагираше жестоко, обвинувајќи го Мицкоски дека се служи со бесрамни лаги. (Н.В.)