Мицкоски: Јас ја водам Македонија кон просперитет, понатаму нека му мислат другите влади


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тој и неговата влада ја водат Македонија кон просперитет, коментирајќи ја дебатата за дата центрите.„Многу јасно е каде оди светот и овој процес е неповратен. Ние знаеме каде ја водиме Македонија и ќе ја водиме кон просперитет“, рече Мицкоски.

Тој се осврна на пораката на американскиот претседател Доналд Трамп околу големото противење во САД за изградба на дата центи. Трамп рече дека тие што се против ќе останат сиромашни и ќе одат назад, а оние заедници што се за ќе бидат богати. Во последната анкета на Фокс њуз дури 70 отсто од Американците се против изградбата на дата центри. Ова противење е речиси подеднакво меѓу републиканците и меѓу демократите

„Нашата опозиција не само што се однесува неодговорно кон економијата, кон државата, кон граѓаните, туку е изолирана. Изолирана со уште неколкумина, би рекол, во светот, во ова да се борат силно против центрите за податоци или во јавноста познати како дата-центри“, рече Мицкоски.

Според премиерот, многу јасно е каде оди светот и овој процес е неповратен. 

„И секогаш кога ќе појдете на исток, особено во азиските земји, кога ќе ги видите оние хуманоидни роботи, кога ќе видите како таму функционираат сообраќајните решенија, кога ќе се соочите со тие предизвици, тогаш се враќате овде со восхитување. А кога овде Владата ќе ви каже: ‘Ајде луѓе ние да направиме нешто’, е тогаш сте против, е тогаш работата не чини. Ние знаеме каде да ја водиме Македонија и ќе ја водиме кон просперитет и иднина, барем јас додека ја водам оваа Влада. Понатаму нека си мислат следните влади“, рече Мицкоски, кој денеска беше во посета на училиште во Бутел. 

На прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека „приказната на Христијан Мицкоски дека дата-центрите ќе донесат развој за Македонија е спин и дефокус, зад кој се отвораат сериозни прашања за бизнис интереси, увоз на струја и провизии“.

Според него, клучното прашање е што ќе се случи со увозот на струја, кој ќе има финансиски интерес од него и како ќе се користат водите.

„Што ќе се случи со капацитетот на водата? Ќе има ли вода за наводнување на земјоделските површини? Тоа никој не го кажува. Понатаму, ќе има ли зголемена потреба за увозна струја? Оваа власт е позната по увозна струја. Не работат производствените капацитети во земја со доволен капацитет. Најмногу зависиме од увозна струја. И тука се тие врски со Србија и луѓето за кои што го прашуваме премиерот на пратенички прашања не одговара дали ги знае“, додаде тој.