Мицкоски ја ставил Македонија на „нишанот“ на Иран
Мицкоски дал дозвола американските воени авиони да слетуваат во Македонија на пола пат додека го напаѓаат Иран - и за тоа никој не знае во државата
Премиерот Христијан Мицкоски во скандалозното интервју за „Брајтбарт“ извести дека со одлука, за која никој не знае во државава, ја ставил Македонија на ракетниот „нишан“ на Иран.
Во интервјут, во кое главно брише под со Македонија и со себе со нападното додворување на Трамп, Мицкоски соопшти дека една од причините зошто претседателот на САД треба да го покани во Белата Куќа или да се сретне со него на Генералното собрание на ОН во Њујорк е тоа што не му дава само бирократска поддршка за војната со Иран – туку дал и дозвола американски воени авиони да слетуваат тука додека ја напаѓаат таа земја! Нешто за што во Бугарија со месеци се води полемика и каде што американските авиони пред неколку дена мораа да се повлечат откако Техеран се закани дека ќе преземе одмазничка акција поради учество на Софија во „воена агресија и воени злосторства“. Мицкоски пак смета дена направил добра безбедносна инвестиција и дека тоа ќе го доведе до потпишување на билатерален договор со САД, што ги нарекува главен стратешки сојузник на Македонија, а ние клучен столб на американската поддршка во Европа.
„Не се само бирократските институции таму каде што Македонците даваат поддршка. Авионите на воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави ги користат аеродромите на Северна Македонија – во срцето на Балканот во Источна Европа – како стратешка локација во близина на Блискиот Исток“, изјави Мицкоски за „Брајтбарт“.
Тој уште е горд што им дава поддршка на Соединетите Американски Држави во војната со Иран и што за таа одлука не се консултирал со јавноста во државата.
„Американското воздухопловство ги користи нашите аеродроми, па секој ден авиони на американското воздухопловство слетуваат и полетуваат од нашите аеродроми. Значи, некои од нив ги користат нашите аеродроми за паркирање, за малку одмор и за враќање во Заливот. Имаме отворено небо за американски воени авиони и горди сме што и сме на располагање да им обезбедиме таква поддршка на американските воздухопловни сили, секако“, порача Мицкоски во интервјуто.
За да ја опише силната поддршка на оваа Влада на САД тој нагласи дека Македонија застанува зад администрацијата на Трамп нејзините интереси – и тогаш кога тоа има политичка цена за нас.
„Кога на Америка ѝ беа потребни сојузници што практично ќе заземат позиции, мојата земја не се криеше во толпата, што е многу важно“.Многу брзо, јасно и доследно застанавме на страната на Соединетите Американски Држави, вклучително и кога практичното тоа имаше политичка цена. .. Значи, практично, кога на претседателот Трамп му беше потребна нашата поддршка во декларациите за гласање во Обединетите нации, кои се засноваа на интересите на администрацијата на претседателот Трамп, ние несомнено ја дадовме нашата поддршка без никакви резерви, за разлика од некои други засегнати страни. Значи, тоа беше јасна порака за поддршка и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина“, најави Мицкоски.
Премиерот сето тоа го сумираше потоа во реченицата дека „наш најголем приоритет се односите со нашиот стратешки партнер, САД, и сегашната администрација на претседателот Трамп. Значи, ова е нашиот пат напред и ние ќе го следиме нашиот пат напред во иднина.“
Наспроти таа безрезервна поддршка кон САД тој изрази поддршка и за членството на Македонија во ЕУ, чии земји не само што ги обвини за кусогледост и двојни стандарди, туку отворени порача дека лажат. Имено зборувајќи за евроинтеграцијата на Македонија Мицкоски рече:
„Според многу, би рекол, бирократи од Брисел и од целиот свет, тоа (промената на името и двапати на Уставот) требаше да биде последното нешто што го направивме. Но, за жал, тие нè предадоа и нè излажаа. Веднаш по промената на нашиот устав, францускиот претседател Макрон стави вето. Тој побара промена на методологијата на преговорите, а кога новата методологија за преговори беше прилагодена, тогаш за жал нашиот источен сосед се појави на сцената и нè замолија да го промениме нашиот устав. Значи, практично, сега сме во многу, би рекол, критична и многу смешна ситуација. Во една мултилатерална организација ние сме сојузници со Бугарија, со нашиот источен сосед. Зборувам за НАТО. А, во друга мултилатерална организација, Европската Унија, ги имаме истите сојузници од НАТО кои ни наметнуваат ограничувања и наметнуваат вето, што не е многу, би рекол, пријателски гест. Тоа се двојни стандарди и едногласност во самата ЕУ. Тие не можат да разберат дека нашето членство во ЕУ е стратешко за НАТО. Значи, тие го ослабуваат јужното и источниот крило на НАТО со тоа што нè ограничуваат да станеме дел од ЕУ, бидејќи колку е економски многу посилна мојата земја, толку е поотпорно источниот крило на НАТО – и ќе можеме многу побрзо да ги модернизираме нашите вооружени сили и да инвестираме повеќе во коридорите кои се важни за логистичките цели на НАТО“, рече Мицкоски.
Во тој стил, додворувајќи му се на Трамп, Мицкоски рече дека е „многу горд“ на говорите што потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио ги одржаа пред Европејците на почетокот на минатата и почетокот на оваа година. Тој, исто така, се осврна на говорот што го одржа и министерот за трговија Хауард Лутник со слични предупредувања за Европа. Притоа, Мицкоски рече дека можеби бил единствениот европски лидер што аплаудирал за говорот на Венс на Минхенската безбедносна конференција.
„Апсолутно, во право сте – веројатно, јас бев единствената личност во просторијата што аплаудираше и се обидуваше да ги поддржи пораките што ги пренесе за време на својот говор, и цврсто верувам дека таков вид суверен говор е иднината на човештвото. Во спротивно, ќе го изгубиме нашиот идентитет и кредибилитет, што е нешто спротивно на нашиот процес на креирање политики и веројатно спротивно на процесот на креирање политики на Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп“, рече Мицкоски.
Според него и нашите сојузници во Европа се обидуваат да останат со многу блиски врски со администрацијата на претседателот Трамп бидејќи САД им го обезбедуваат безбедносниот чадор.
„Мислам дека не можете да играте двојни игри и не можете да уживате во двојни стандарди. Значи, практично, или сте лажго или не сте. Значи, ова не е шведска маса. „Би сакал ова да го јадам, а она да го јаам, не она, не ми се допаѓа ова, а би сакал она“, рече Мицкоски пред да посочи дека практично, ние како држава „сме целосно усогласени со сите резолуции во Обединетите нации и ги поддржувавме САД во изминатите две години многу пати кога станува збор за прашањето со Иран, Венецуела, прашањето со Куба и така натаму“. Практично, како што нагласи, „ние стоиме покрај нашите стратешки партнери, зад политиката на Соединетите Американски Држави и зад претседателот Трамп, и силно ги поддржуваме.“
Притоа отиде подалеку и таа љубов кон администрацијата на Трамп од страна на Владата ја префрли на целата нација. Мицкоски рече дека поддршката за Трамп во Македонија е „многу висока, повисока од било каде на друго место во Европа“ и дека со задоволство би го пречекал Трамп во Северна Македонија доколку распоредот на американскиот претседател дозволи такво патување.
„Со оглед на тоа што анкетите на претседателот Трамп се највисоки во мојата земја, македонските граѓани многу решително ја поддржуваат администрацијата на претседателот Трамп, а кога велам дека анкетите се највисоки, тоа е смислено бидејќи ги следам анкетите и знам дека неговиот кредибилитет меѓу македонските граѓани е апсолутно огромен и без никакво сомнение, сум заинтересиран да го поканам“, рече Мицкоски.
„Ќе бидам многу заинтересиран да го угостам на највисоко ниво. Тој ќе ја ужива поддршката на македонските граѓани. Кога ќе има слободен временски термин во својот распоред, ние ќе бидеме многу задоволни да го угостам доколку одлучи да го посети регионот, бидејќи како што реков, наспроти толку многу сојузници во Европа, ние сме земјата без никаков сомнеж околу поддршка кога станува збор за претседателот Трамп…Дури и многу поодамна, и пред тој официјално да стане претседател, кога немаше премногу земји во Европа кои веруваа дека тој ќе ја победи Камала Харис за време на претседателската трка.“
Инаку, освен Бугарија од каде американските воени авиони мораа сепак да се повлечат по притисокот од јавноста и заканите од Техеран, само земјите од Заливот (Катар, ОАЕ, Саудиска Арабија) јавно признаваат дека им даваат на располагање аеродроми или бази на САД додека го напаѓаат Иран. Од Европа, Шпанија јасно кажа не за авионите и го затвори целосно небото за нив, Италија го направи истото, а Франција дозволи слетување само за одбранбени причини. Портулагија, Германија и Велика Британија, кои имаат американски бази на своја територија се оградија со разни правни толкувања, а Турција категорично одби било каква асистенција. (С.Ј.)