Мицкоски ја обвини Владата за организиран грабеж, СДСМ му порача дека пак лаже


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој потпиша со „две раце“ да се задолжи земјата за да се спасува економијата и се уште бара поголема државна помош,ја обвини денес на прес конференција Владата дека направила „смислен и добро организиран грабеж на народните пари“.

-Тоа го покажува  реализацијата на буџетот кој што Министерството за финансии го објави во текот на вчерашниот ден. Не можам никако поинаку да го оквалификувам ова, затоа што е трошено безмилосно, расипнички и недомаќински. И ова нема никаква врска со политика, порача Мицкоски.

Според него, извршен е грабеж на економијата во првите три месеци од годината со цел да се покријат изборите кои требаше да се случат, кога се потрошени 43 проценти од буџетскиот дефицит планиран за целата година  – или 120 милиони евра.

-Потрошиле 120 милиони евра повеќе од тоа што собрале во буџетот, додека нас не убедуваа дека блескаме и дека буџетот е ликвиден.  Или со други зборови го задолжиле секое македонско семејство со дополнителни 15 илјади денари во просек само од почетокот на годината заклучно со крајот на месецот март, обвини Мицкоски.

Според него, во 2017 година во истиот период потрошени се околу 19 отсто од планираниот буџетски дефицит, во 2018 година околу 17 отсто, во 2019 година нешто над 18 оттсто, а годинава за јануари, февруари, март околу  43 отсто од буџетскиот дефицит, со само 8,5 отсто реализирани капитални инвестиции.

– Зоран Заев и ова раководство на СДСМ водејќи се исклучиво од лукративни мотиви , а со цел да постигнат подобар резултат на предвремените парламентарни избори во услови кога низ светот владее пандемија со Ковид – 19 вирусот извршуваат грабеж на народните пари во буџетот , обвини Мицкоски.

Од СДСМ му одговорија дека плаче бидејќи парите не одат веќе кај неговиот шеф Никола Груевски туку кај граѓаните.

-Организиран и смислен долгорочен грабеж беше криминалниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, режимот во кој токму Христијан Мицкоски добива и тера бизнис со хидроцентрали.Не можејќи да се помири што државата добро се справува со здравствените и економските последици од коронавирусот, Мицкоски продолжува очајно да се обидува да внесува паника меѓу граѓаните.

Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ лажеа дека нема да има пари за редовна исплата на плати, пензии и субвенции. Во реалноста не само што сите трансфери се редовни, туку  пензиите и субвенциите како оние за тутун се исплаќаат пред време. Само Мицкоски може да е против тоа што и за време на вонредни околности, обврските на државата редовно се сервисираат.

Нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ, партијата која тројно го зголеми јавниот долг, денес да зборува за управување со јавните финансии.Поради криминалните и расипнички политики, ВМРО-ДПМНЕ ја остави економијата во минус од 1,8 отсто, во долгови, со замрзната минимална плата од 9.000 денари и голема невработеност, одговорија од СДСМ на грубите обвинувања, порачувајќи му на Мискоски дека економија не се учи во теретана.