Мицкоски ја обвини ДУИ за протестот утре, најави решение за полагање правосуден испит на албански
По најавата за протестен марш утре пред Министерството правда со кој, како што е најавено, учесниците ќе изразат незадоволство од неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит односно неможноста да го полагаат на албански јазик, премиерот Христојан Мицкоски ги повика „да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија која сè уште живее во спомените односно во времето од минатиот век“.
На кандидатите што треба да го полагаат испитот тој им порача дека ќе биде најдено соодветно решение и за ова прашање.
-За жал, овој протест е силно поддржан од една опозициска политичка партија којашто повеќе од 20 години не успеа да го реши тоа прашање и сега е лицемерно на овој начин да комуницира со јавноста, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција посветена на новите мерки за намалување на цените на горивата.
Посочи дека претходната влада го донесе Законот за јазици, кој, рече, е „предизвикан пред Уставниот суд и е предизвикан токму оној дел што се однесува на правосудството“.
– Знаете дека за тој закон имаме негативно мислење од Венецијанската комисија, којашто вели дека треба да се напушти двојазичноста во правосудството бидејќи има предизвици кои најчесто се поврзани со владеењето на правото. Имајќи го сето ова предвид, ние како влада формиравме група од уставни експерти кои работат на решение кое ќе биде и уставно, но исто така и во согласност со меѓународните стандарди. Така што јас ги уверувам студентите дека онака како што се најдоа решенија за многу предизвици и за многу пропусти од минатото, така и за ова ќе се изнајде соодветно решение. Јас мислам дека тие тоа веќе го знаат и мојот апел е да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија која сè уште живее во спомените односно во времето од минатиот век, рече Мицкоски.