Мицкоски изложил „позиции“, Ковачевски ги сослушал, драмата околу средбата се издиша

Средбата на енергетските тимови од владата и опозицијата помина во „добар дух“, но од неа не прозлезе ништо ново од она што претходно се знаеше


Фото: Б. Грданоски

 

Многу врева за ништо. Или за малку.

Пет-шест дена траеше медиумската драма околу наводните контакти на лидерот на опозицијата за набавување на поевтини енергенси за тешката зима што нѐ чека, за таа денеска да заврши со општи флоскули и издишани ветувања.

Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, заедно со своите тимови кои се надлежни за финансиите и енергетиката, се сретнаа во Владата како тоа да изгледа меѓудржавен состанок, по кој резултатот, освен што реториката беше смирена, па дури и прилично пристојна, немаше ништо што јавноста можеби го очекуваше.

По завршувањето на двочасовната средба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, на групата новинари што го чекаше пред Владата, им зборуваше за „позициите“ што ги изложил на состанокот. Тој не спомена „контакти“ или „понуди“ како во последните денови. Но нагласи дека е „загрижен“, велејќи „да ѝ помогнеме на Македонија, на граѓаните на стопанството“.

Ковачевски оцени дека средбата била во „добар дух на која беа разменети мислења за справување на енергетската криза“.

Првата „позиција“ што ја изложи Мицкоски е околу снабдувањето на ТЕЦ „Неготино“ со мазут, но не спомена ниту цена, ниту можноста од кој извор би било тоа.

„Предлагаме позиција за значително поевтини реусрси на ТЕЦ ‘Неготино’. Цената на транспорот треба да ја одреди Владата како надлежна за тоа. Со овој предлог цената на струјата произведена во ТЕЦ ‘Неготино’ ќе биде најмалку два пати поевтина од таа што е сега на берзите. Предлагаме таа струја да се отстапи на стопанството за спасување на илјадници работни места“.

Таа „позиција“ околу ТЕЦ „Неготино“ е позната за енергетските и стопанските кругови веќе подолго време и според изјавите од Владата во таа насока.

Втората „позиција“ што ја изложил Мицкоски, а потоа им ја пренесе на новинарите, била околу снабдувањето со гас на централа ТЕ-ТО. „Подготвени сме да обезбедиме друга позиција за ТЕ-ТО за да се обезбеди гас за граѓаните на Скопје да имаат парно“.

Тој рече дека во моментов во РЕК „Битола“ работи еден блок, во ТЕЦ „Неготино“ една турбина од двете, хидросисметот е со 29 отсто расположив капацитет наместо со 75. Според Мицкоски, „ќе нема потреба да се увезува струја ако работат трите блока на РЕК ‘Битола’, потоа ‘Осломеј’, двете турбини на ТЕЦ ‘Неготино’, ТЕ-ТО и хидропотенцијалот да биде на високо ниво“.

Мицкоски им го образложил на министрите концептот што ВМРО-ДПМНЕ го предлага за Законот за енергетика, со кој ќе мигрираат сите претпријатијата од комуналната и водостапанската дејност на ниво на државата и општините на регулираниот пазар според тарифата што ја плаќаат компаниите.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, „ова што го предложивме делуваше прифатливо за луѓето со кои денес бевме на иста маса. Ако тоа не се случи ВМРО-ДПМНЕ ќе го осуди тој чекор и ќе стори сѐ да им помогне на граѓаните и стопанството да ја поминеме оваа есен и зима“.

Ковачевски на прес-конференцијата рече дека „во делот на она што претседателот на опозицијата и дел нивни претставници го елаборираа јавно во однос на индикативни понуди коишто подоцна станаа контакти, а сега станаа позиции за набавка на поевтини енергенси, јас и во Собранието кога беа пратенички прашања кажав дека сите понуди мора да бидат доставени до ЕСМ со оглед дека таму се прави евалуацијата“.

Ковачевски рече дека Владата досега презеде низа мерки за да се одржи ликвидноста на компаниитеи стандардот на граѓаните во износ над 300 милиони евра.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за вклучување на комуналните претпријатија на регулираниот пазар, Ковачевски рече дека Владата го задолжи Министерството за економија заедно со ЗЕЛС да ги земе податоците за потрошувачката на електричната енергија кај сите комунални претпријатија, со оглед дека категоријата комунални претпријатија е прилично широка и да се спореди тоа во корелација со производството на електрична енергија од домашни извори и да се види ефектот за нивно можно вклучување на регулираниот пазар.

„Исто така, денеска Владата донесе одлука со која ЕСМ е задолжена да врши јавна услуга за производство на топлинска енергија и потпишан е договор за закуп со ‘Адора’ за топланите со условите кои што важеле и до сега, односно во изминатите десет години колку што постоел таков договор за закуп на топланите од страна на БЕГ“, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека кога неговиот кабинет се јавил во ВМРО-ДПМНЕ, тогаш средбата била закажана во духот на добра волја и таква била и денешната средба .
„Јас не очекувам претседателот на ВМРО- ДПМНЕ да ме фали, дури очекував да биде и поостар во изјава, но сепак состанокот помина во добар дух се разговараше на експертско ниво за сите предизвици со кои што се соочува државата“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ќе бидат направени дополнителни анализи во делот на снабдувањето со електрична енергија на јавните комунални претпријатија.
„Тоа е основното барање на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи го имаат доминантниот број на градоначалници. Владата мора да се грижи подеднакво за функционирањето на сите препријатија и за сите граѓани“, рече Ковачевски.
Во делот на изградба на инфраструктура, за што исто така станало збор, Ковачевски рече дека тоа е дел од плановите на Министерството за транспорт и врски, и најави дека многу скоро ќе има пуштање на пругата кон Грција. (Н.В.)