Мицкоски: Илинден е влегување во финишот на една вековна борба за слобода


Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не е само Крушевското востание, туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот, на секоја педа македонска почва, истакна денеска лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски по полагањето цвеќе пред споменикот на двата Илинденa и на заедничката гробница на паднатите востаници во струшкото село Ташмаруништа.

Илинден, додаде, е и отпорот и пркоста на Ташмаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Македонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала. Навраќајќи се низ историјата и говорејќи за значењето на двата Илиндена, Мицкоски заклучи дека ВМРО е темелот на Илинден, а се осврна и на идеолозите на борбара за слобода.

– Гоце Делчев беше идеологот на таа борба за слобода чија судбина не сакаше да го дочека Илинденското востание, но неговото име и чест продолжи да живее. Тука се и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски. Сите се ова македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело. Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме. Илинден е и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото „Смрт или слобода“, истакна лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Во своето обраќање, Мицкоски говореше за економијата, а неизоставен беше и политичкиот дел и нападите на власта. Се осврна и на случајот „Рекет“, зад чии осомничени смета дека стојат функционери од власта. Забележа дека некои луѓе верувале дека Зоран Заев и Специјалното јавно обвинителсво ќе донесат правда, но додаде оти биле разочарани.

– Ова Специјално јавно обвинителство веќе не е алатка за носење правда, туку алатка во рацете на Зоран Заев и власта за правење неправди. Не може да се очекува правда од нешто што не само што ја навредува нашата интелегенција, туку служи и за потсмев, рече Мицкоски.

Забележа дека власта се ќе направи да ја спасат Катица Јанева од обвинение бидејќи лидерот на владејачката СДСМ се плашел да не проговори за се она што го правела, како местеле и креирале случаи за рекет. Заев, според него, не бил во состојба да поставува услови, ниту да диктира темпо, туку да ги пребројува деновите на неговото политичко заминување. Мицковски пред присутните ја спомена и промената на името на државата и вети правда и чест за македонскиот народ и македонската нација и побара на следните парламентарни избори да биде поразен Зоран Заев.

– Подготвен сум да се борам за ова до последен здив. Мојата задача е да се избориме за правда и владењње на правото. Вистинска правда, а не онаа неправда која ни ја продаваа за правда. Немам намера да правам компромиси за било што, без оглед дали се работи за СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ или било кој друг политичар, кој се огршил и направил злодело пред сопствеите граѓани, законите и Уставот, вети Мицкоски.

Мора, додаде, да се промени сликата за политичарите и народот да види дека политичарите не се заштитени и над државата.

– Сите ние без исклучок сме слуги на народот и на нашата таковина. Мора да бидеме општество со еднакви можности за сите, на беззаконието да се одговори со закон, а на анархијата со поредок. Да ги вратиме младите кои заминаа и да обезбедиме иднина на оние кои планираат да заминат, рече Мицковски, посочувајќи дек за тоа се потребни предвремени парламентарни избори кои ќе значат обнова на државата.