Мицкоски „игра“ за Трамп за да го реши спорот со Бугарија?

Во истражувачките медиуми во САД посетата на Македонија на најтесниот круг на луѓе на Трамп со приватен авион е оценета во најмала рака како необјаснива


 

Изјавата на лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, дека Владата треба да бара од САД да ја притиснат Бугарија да попушти во спорот со Македонија ја отвора дилемата – дали премиерот Христијан Мицкоски смета на доаѓањето на Доналд Трамп како претседател на САД и затоа одбива да преземе какви било чекори за да ги поттурне преговорите за членство со Европската унија?

Иако вакви математики ВМРО-ДПМНЕ правеше и пред првиот избор на Трамп за претседател, а потоа остана со куси ракави (Трамп го стави во брза процедура гласањето во Сенатот за прием на Македонија во НАТО на кое тие се противеа), честите средби на првите луѓе на бизнис опкружувањето на Трамп со премиерот Мицкоски веќе покренаа серијал на написи во истражувачките медиуми во САД кои, исто како нас, се прашуваат која е целта на ваквиот нападен интерес на тесниот круг на луѓе на можниот иден претседател околу држава која едвај е голема како град во САД.

Ако се проследат сите тие написи испаѓа дека ВМРО-ДПМНЕ не само што има блиски контакти со луѓе на Трамп, туку на некој начин и одработува за тој да дојде на власт, што најдобро се виде од посетата на првите луѓе на приватната социјална мрежа на екс-претседателот Truth Social, која заедно со Rumble и Тwitter се главната медиумска поддршка на Трамп пред изборите преку кои се лиферува „нецензурирана“ содржина за изборите, а всушсност клевети и навреди на адреса на демократскиот кандидат Камала Харис.

Иако во политичката борба и тоа е легитимно (да се престориш кон страна на која идеолошки припаѓаш или од која може да имаш корист потоа), целата ова мрежа на луѓе и компании води до дилемата – дали ВМРО-ДПМНЕ стоеше и зад „велешката фабрика“ пред првиот избор на Трамп која најверојатно и со руска поддршка му обезбеди тогаш победа, а потоа испровоцира истрага без резултат во САД.

До каде стигаат врските на ВМРО-ДПМНЕ со кругот на Трамп се гледа од фотографиите на кои Крис Павловски, Македонецот од Канада со фирма и кај нас е фотографиран со членови на семејството на Трамп, меѓу кои и Иванка, а Македонецот ИТ експерт кој со специјална интервенција беше однесен на висока позиција во компанијата на Трамп (за што пишуваа неодамна и медиумите во Македонија)  седи во исто студио со поранешниот водител на Фокс њуз, Такер Карлсон, кој неодамна правеше интервјуа со Виктор Орбан и беше во Москва да прави интервју со Владимир Путин. 

Во истражувачките медиуми во САД посетата на најтесниот круг на луѓе на Трамп (покрај тие на Ричард Гренел) со приватен авион непосредно пред изборите во САД е оценета во најмала рака како необјаснива. Еве што пишува за тоа истражувачката мрежа „ПроПублика“.    

„Девин Нунес, поранешниот конгресмен кој ја води компанијата зад Truth Social, отпатува во Северна Македонија додека поранешниот претседател Доналд Трамп се бори повторно да ја обликува надворешната политика на САД.  Девин Нунес, извршен директор на Трамп Медиа и поранешен конгресмен од Калифорнија, се спушти пред Скопје, главниот град на Северна Македонија со мала група други северноамерикански директори, кои беа таму за да разговараат, како што порачаа, за бизнис. Но, тие не беа таму за да се сретнат со претставници од друга компанија. На асфалтот пред нивниот приватен авион ги пречека висок функционер од македонската влада, а потоа полициска придружба ги однесе од аеродромот. Тие беа таму за да се сретнат со новоизбраниот премиер на балканската нација.

Во тоа време, премиерот Христијан Мицкоски, лидерот на конзервативната националистичка партија во земјата, понуди малку детали за целта на состанокот: ‘Засега, не би открил ваков тип на детали’, им рече тој на локалните новинари кои известуваа за средбата во тоа време.

Крис Павловски, кој го придружуваше Нунес на патувањето и кој е извршен директор на Rumble, компанија за видео стриминг и близок партнер на Трамп Медиа, откри дека разговарал за договор за услуги за cloud технологија со македонската влада. Состанокот е првиот познат случај на медиумска компанија на поранешниот претседател директно да се занимава со странска влада – и во овој случај, онаа која е желна  за помош од идната администрација на Трамп за широк опсег на безбедносни, економски и дипломатски прашања.

Во своите јавни коментари, премиерот се пофали со политичките врски на делегацијата за време на посетата. Тој ги опиша Нунес и уште еден присутен како ‘двајца од најблиските соработници на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп’.

Додека Трамп се кандидира за втор мандат, експертите за етика предупредија дека неговиот вреден удел во Trump Media и неговата платформа слична на Твитер, Truth Social, претставуваат можности за влијание. Огласувачите, продавачите или инвеститорите кои имаат политички агенди би можеле да ги искористат своите деловни односи со претпријатието за социјални медиуми за да бараат поволен третман од администрацијата на Трамп. Портпаролот на Трамп Медиа не одговори на детални прашања, вклучително и за тоа каква улога може да има компанијата во таков договор или дали е постигнат.

Портпаролот даде изјава само во која се вели: ‘Генијалците на ProPublica, на наше вознемирување, го открија тајниот план на Девин Нунес да ја обнови империјата на Александар Велики и да го прогласи Крис Павловски за крал на Македонија’.

Портпаролите на кампањата на Трамп и македонскиот премиер не одговорија на прашањата.

Мандатот на Трамп беше обележан со загриженост дека странски влади се обидуваат да добијат корист со покровителство на неговите бизниси, вклучувајќи го и неговиот хотел во Вашингтон. Бизнисите на Трамп имаа бројни зделки во странство дури и откако неговиот адвокат вети дека нема да склучува нови странски договори додека тој е претседател. Ако македонската влада направи договор со Трамп Медиа или нејзините партнери и Трамп повторно биде избран за претседател, тоа би можело да биде уште еден пример во кој неговите приватни деловни интереси се вкрстуваат со надворешната политика на САД.

‘Тие сакаат да се дружат со Трамп’, рече претставник на американската влада кој е вклучен во источноевропските прашања, истакнувајќи дека Северна Македонија бара поддршка од САД во дипломатските спорови со соседите. ‘Имаме огромна моќ’.

Trump Media започна со работа пред само неколку години, во 2021 година, но речиси 60% од акциите на Трамп во компанијата сега претставуваат важен дел од неговото лично богатство. Акциите на Трамп Медиа се тргуваат со околу една четвртина од највисокото ниво што го достигна во март набргу откако излезе на берзата, но вредноста на компанијата останува околу 3 милијарди долари, делумно заснована на возбуда и шпекулации поттикнати од фановите на Трамп. Компанијата има мали приходи, а Truth Social допрва треба да се прикаже како закана за главните платформи за социјални медиуми. Уделот на Трамп моментално вреди околу 2 милијарди долари. За една недела првпат ќе може да ги продаде своите акции.

На јулското патување му се придружија на Нунес уште две фигури во орбитата на Трамп: Крис Павловски, извршниот директор на Rumble и Хауард Лутник, донатор на Трамп и извршен директор на Волстрит, кој му помогна на Rumble да излезе на берзата и неодамна беше именуван за копретседател на тимот за планирање на транзицијата на Трамп.

Павловски, Канаѓанец чии родители се од Северна Македонија, долго време е бустер на земјата. Тој, исто така, е коосновач на фирма за ИТ аутсорсинг која вработува развивачи на софтвер во Северна Македонија и која обезбедува услуги на Трамп Медиа. ‘ПроПублика’ претходно објави дека Трамп медиа склучила договор со аутсорсинг фирмата на Павловски во земјава и обезбедил специјална виза за македонски кодер кој сега е главен директор за технологија на компанијата.

Во кварталниот разговор со инвеститорите минатиот месец, Павловски рече дека се сретнал со македонскиот премиер ‘повеќе пати’ и дека ‘разговарале за можноста за директно вклучување на Rumble Cloud во дигиталната трансформација на нивната земја’.

‘На наше задоволство, премиерот Мицкоски неодамна јавно го сподели својот ентузијазам за можноста за партнерство со Rumble, возбудлив знак за сите нас во компанијата’, додаде тој. Павловски ја спореди можната улога на Rumble во Северна Македонија со договор за технолошки услуги од 500 милиони долари објавен минатата година меѓу Ел Салвадор и Гугл.

Бизнисот на Трамп медиа е тесно испреплетен со Rumble, кој на компанијата на поранешниот претседател ѝ обезбедува услуги за продажба на реклами и облак услуги кои се „имуни на културата на откажување“ (цензура). Rumble  исто така, има седумцифрен договор со членот на одборот на Трамп Медиа, Доналд Трамп Џуниор, за неговата емисија Triggered.

Трамп медиа го основа своето седиште во Сарасота, Флорида, на кратка одалеченост од седиштето на Rumble во САД. Компаниите се толку блиски што вработените во Rumble всушност работеле од канцелариите на Трамп медиа неколку месеци во 2022 година додека нејзината канцеларија се реновирала, според лице запознаено со компаниите.

Сцените од патувањето на групата во Северна Македонија покажуваат дека раководителите на медиумите се пречекани речиси како шефови на држави во посета, почнувајќи од она што Павловски во објава на Инстаграм го опиша како ‘прилично кул… легална полициска придружба’ од аеродромот.

Сликите објавени од македонската влада, членови на националистичката партија која дојдоа на власт по изборите во мај, покажуваат дека Нунес седи спроти премиерот, а следниот ден покрај претседателката на земјата, под огромен мозаик што прикажува сцени од македонската историја. Владиниот министер задолжен за дигитална трансформација исто така навести во пост на LinkedIn за потенцијални деловни зделки, велејќи дека ‘инвестицискиот потенцијал што го нудат овие водечки светски компании може да ја револуционизира нашата дигитална инфраструктура’.

Северна Македонија, земја без излез на море, приближно со големина на Вермонт, со население помало од она на Хјустон, прогласи независност среде распадот на Југославија во 1991 година. Таа се потпира на САД за поддршка, вклучително и милиони странска помош од Вашингтон. САД, исто така, беа еден од нејзините највлијателни дипломатски поддржувачи. Земјата беше примена во НАТО во голем дел поради поддршката на САД. Нејзиниот сосед на југ, Грција, со години се спротивставуваше на дозволувањето на балканската нација во воениот сојуз, тврдејќи дека таа го присвојува класичното грчко наследство со нејзиното име. САД го поддржаа договорот за решавање на спорот во кој македонскиот законодавен дом го смени името на земјата во 2019 година од Македонија во Северна Македонија.

САД, исто така, се залагаат Северна Македонија да биде добредојдена во Европската унија – процес кој е закочен поради барањата од друг сосед, Бугарија, кои Северна Македонија не сакаше да ги задоволи.

‘Сите на Балканот ги сакаат Американците на своја страна’, рече Даниел Сервер, поранешен функционер на Стејт департментот и експерт за Балканот сега во универзитетот Џонс Хопкинс. Од гледна точка на македонската влада, тој рече: ‘Многу сте послободни да го правите тоа што сакате ако имате добра волја од САД’.

Неодамнешниот избор на Мицкоски за премиер го означува враќањето на власт за десничарската националистичка партија во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ. Експертите од регионот рекоа дека партијата го гледа Трамп како природен сојузник и како некој чија поддршка може да им даде слобода да ги подмират европските барања.

Партијата на Мицкоски и претходно можеше да се потпре на републиканците во САД. Во 2017 година, членовите на ВМРО обвинија дека американската амбасада во Скопје се меша во внатрешната политика и фаворизира левичарски групи. Сојузниците на партијата успешно лобираа неколку републикански членови на Конгресот да ја преземат нивната кауза. Пратениците побараа одговори од Стејт департментот, кој ги отфрли обвинувањата, а потоа се побара истрага од Канцеларијата за одговорност на Владата, која утврди дека помошта била правилно распределена.

Балканот стана фокусна точка на активност во зделките на поранешните највисоки функционери на Трамп во нивните години надвор од функцијата. Зетот на Трамп, Џаред Кушнер, склучува пар договори за развој на недвижнини – еден во Албанија и еден во Србија – за неговата нова инвестициска фирма, која е финансирана од владите на Саудиска Арабија и другите земји од Блискиот Исток. И двата договори предизвикаа критики поради вмешаноста на странски влади и перцепцијата дека помагањето на бизнисот на Кушнер може да биде начин да се добие наклоност во втората администрација на Трамп.

Друг поранешен функционер на Трамп, Ричард Гренел, работи со Кушнер на балканските договори, објави Њујорк Тајмс претходно оваа година.  Гренел стана полуофицијален пратеник на Трамп, кој се среќава и бара да им помогне на странските претставници со десничарските партии ширум светот. Минатиот месец, само неколку недели по посетата на директорите на Трамп медиа и Rumble на Северна Македонија, Гренел пристигна во Скопје каде и тој се сретна со новиот премиер. Меѓу темите за кои се разговараше беше и желбата за повеќе странски капитал во земјата, особено потенцијалот за американско инвестирање во огромен хидроенергетски проект. Нема докази дека патувањето на Гренел е поврзано со посетата на медиумите на Трамп“, пишува во истражувачката сторија на „ПроПублика“. (Н.В.)