Мицкоски и Заев со различни диоптрии за состојбите во економијата


Двајцата лидери се согласија во една работа – дека на економијата и претстои тежок период

Мицкоски смета дека мерките се несоодветни и задоцнети и ќе резултитираат со тешки состојби во фирмите и за вработените, а Заев пак, смета дека даваат резултати и благодарејќи на нив не се случија поголеми последици

 

Лидерите на двете најголеми партии во земјава, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, денес излегоа со целосно спротивставени ставови за економските состојби во земјава и за менаџирањето со проблемите во стопанството во време на корона кризата. Додека за Мицкоски мерките кои до сега се преземени за спас на стопанството се несоодветни и задоцнети и ќе резултитираат со тешки последици врз фирмите и вработените, Заев смета дека мерките даваат резултати и дека благодарејќи на нив не се случија поголеми последици, а доказ се податоците за бројот на луѓето кои останале без работа во овој период.

– Од 11 март кога беа затворени училиштата и 13 март кога се затворија кафеаните, па до крајот на април според податоците на Агенцијата за вработување вкупно 8.160 лица се нови невработени. Од тоа на 4.279 лица им е истечено определеното работно време, не биле дури ни трајно вработени. Значи, не се ниту 140 илјади, не се ниту 100 илјади каоо што тврди опозицијата, туку вкупно 8.160 лица, а во редовен работен однос биле 3.800 лица кои го изгубиле работното место. Тоа покажува дека мерките се вистински димензионирани, рече Заев гостувајќи вечерва во „Отворено студио“ на Телевизија 24.

Мицкоски, кој исто така имаше одвоено интервју на истата телевизија, претходно рече дека ВМРО-ДПМНЕ има дијаметрално различен пристап од СДСМ во делот на поддршката за бизнис заедницата.

„Ние велевме дека од мерките никако не треба да се исклучи март. И тоа се покажа сега, затоа што ако го видите прибирањето на даноците од страна на УЈП во април, тие за првиот квартал од 2020 година се за 3,3 милијарди денари помалку од планираните. Планирано било да се собере околу 8,9 милијарди денари, а собрани се околу 5,6 милијарди денари. Тоа се 55 милиони евра помалку. Од тоа може да се согледа дека на бизнисот му било тешко“, нагласи Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, стопанството и граѓаните допрва ги очекува тежок период поради неспособноста на власта да се справи со економските последици од корона кризата.

– Јас очекувам навистина тежок период, рече Мицкоски додадвајќи дека за него е збунувачки кога до 20 март од релевантните институции слушал дека се било идеално, дека Буџетот се полни, за потоа од истите институции да се тврди дека работите стојат лошо и се најавуваат апокалиптични сценарија.

Вчера ресорната министерка излезе на прес конференција и кажа дека ситуацијата е супер и дека ќе имаме пад на бруто домашниот производ од 3,4 проценти, но дека тоа не е страшно и дека имаат план. Притоа, прикажаа како се полни Буџетот. Министерката вели дека имало потфрлање кај ДДВ-то, има потфрлање кај персоналниот данок на личен доход, но вели дека е задоволна, цитирам „што имаме натфрлање споредбено со минатата година во делот на данокот на добивка“, рече Мицкоски, објаснувајќи дека тој вишок кај данокот на добивка се должи на платените аконтации од страна на компаниите кои одговориле на апелот однапред да го уплатат данокот и од тие причини во моментов има подобра наплата на данокот на добивка споредено со истиот период лани. Но, во наредниот период тоа нема да биде така и кризата допрва ќе се почувствува, нагласи Мицкоски.

Тој го повтори и ставот дека е против, како што ја нарече, урамниловката, која СДСМ се обидел да ја спроведе за платите на администрацијата и дека ќе било подобро да се оди со процентуално намалување на платите за десет отсто за еден месец, а потоа во зависност од развојот на кризата. Но, таквиот предлог, како и многу други кои ги предлагала опозицијата, биле отфрлени од власта, се пожали Мицкоски.

Двајцата лидери се согласија во една работа – дека на економијата и претстои тежок период.

Но, за разлика од Мицкоски, лидерот на СДСМ, Заев, е уверен дека преземените мерки биле добри и дека даваат резулгтати. И натаму смета дека било грешка што Владата не го прифатила неговиот предлог платите на администативците два месеци да изнесувааат по 14.500 денари.

Државата постои за граѓаните и во овие услови на криза спроведува такви рестриктивни мерки што ќе дадат импулс на економијата што се потврува и со проекцијата на Светска банка дека ќе бидеме најмалку погодени од кризата во однос на земјите од регионот, рече Заев.

Според него најдобар показател дека мерките се добро димензионирани, е податокот што само за два дена 16.000 фирми аплицирале до УЈП за финансиска помош, и дека тој број не е конечен бидејќи пријавувањето трае до 7 овој месец.

Во стопанството и кај граѓаните до сега биле вбризгани 120 милиони евра за да се стимулира потрошувачката и дека иако е криза редовно се плаќаат плати, пензии и субвенции.

Заев вели дека Мицкоски не е во право кога вели дека приходот од данокот на добивка се должи на зголемена наплатата од авансите на големите компании.

Тие во март уплатија 200 милиони денари, во април 100 милиони, а има 1,4 милијарди денари повеќе данок на добивка. Не треба да си економист да разбереш дека е така, бидејќи 2019 беше добра година, тоа се должи на тоа што ја извлековме економијата од минус 1,8 отсто на плус 3,6 отсто, рече Заев.

Тој повтори дека до сега се обезбедени значајни средства за менаџирање на кризата, но и дека се преговара за дополнителна финансиска помош со која ќе им се помогне на фирмите за да се помогне економскиот раст и ќе биде наменет за заживување на економијата.

– До сега се обезбедени 176 милиони евра од ММФ, 140 милиони евра од Светска банка, 160 милиони евра од ЕУ, а се очекува 800 милиони евра да се обезбедат со еврообврзницата до крајот на мај, а преговараме со ММФ за уште 300 до 400 милиони евра, но без аранжман, рече Заев. (М.Ј.)