Мицкоски и натаму тврди: Не почна ни скрининг


 

Иако вчера беа објавени и видео детали од почетокот на скринингот што ќе го врши ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека тоа што се гледало не било скрининг, туку мониторинг. Тој тврди и дека немало ни почеток на преговори.

„Ниту скрининг има, ниту преговори има. Тоа што тие го нарекуваат скрининг е мониторинг, кој трае од првиот момент кога ние сме земја кандидат, од 2005 година, 17 години“, изјави Христијан Мицкоски при денешната посета на улицата која се реконструира во скопската општина Бутел.

Според него, само власта тоа го нарекувала скрининг, но тоа не било точно, зашто со вчера потпишаните документи се гледало дека не е тоа.

„Ниту има преговори, ниту ќе почнат. Јасна е позицијата, за да почнат преговорите потребно е да се смени Уставот. Дури потоа ќе се одржи онаа вистинска меѓувладина која ќе почне да го води процесот на скрининг и отворање на кластерите и поглавјата“, рече Мицкоски. Тој нагласи дека вчера имало само „обична фотосесија“.