Мицкоски: Граѓаните на локалните избори ќе кажат дали имам политичка одговорност за Кочани


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска им ја префрли на граѓаните одлуката за тоа дали има политичка одговорност тој и неговата влада за трагедијата во Кочани. Тоа ќе зависело од исходот на локалните избори.

„Доколку граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам“, рече Мицкоски.

Тој тоа го изјави на новинарско прашање на манифестацијата за земјоделски производи во Општина Аеродром околу поднесеното обвинение и барањата на СДСМ и за негова политичка одговорност.

„Цело време се трудам да не коментирам, работата е на Обвинителство. Генерално, станува збор за политички пораки коишто доаѓаат од опозицијата. Одговорноста ќе ја видиме за три и пол–четири месеци од денеска, на локалните избори, што мислат граѓаните. Тоа што мисли СДСМ е една работа, а тоа што мислат граѓаните ќе го видиме многу скоро на избори. Доколку граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам. Нема да чекам, како што беше тоа случај во 2021 година. Но, знам дека граѓаните не го делат истото мислење со СДСМ и останатите коишто се обидуваат преку некрофилска кампања да добијат некој политички поен“, изјави Мицкоски.