Мицкоски го повика Обвинителството да постапува по пријавите на Арсовска

Премиерот Хрисијан Мицкоски ги коментираше последните случувања со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска откако таа во живо се јавува на социјалните мрежи и открива дивоградби, главно во Општина Чаир и се „пресметува“ со градоначалникот Висар Ганиу.Исто така Арсовска откри дека добивала и закани по живот.
„Јас го охрабрувам Јавното обвинителство да постапува по пријавите од градоначалничката Арсовска. Ние не можеме да постапуваме или да не постапуваме, законот треба да важи за секого. Мене ми е жал ако градоначалничката добива закани по живот, но ја охрабрувам истите тие да ги пријави во МВР, а МВР да постапува по истите“, вели Мицкоски.
Тој даде коментар и за изјавата на Изет Меџити, кој рече дека Данела Арсовска се користи како средство за дестабилизација пред изборите.
„Има вистина тука, има вистина. И тоа впрочен е јасно на сите. Но, еве, јас не би имал повеќе од тоа што го кажува Меџити и Ганиу. Многу скоро јавноста ќе дознае други детали“, додаде Мицкоски.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, жестоко реагираше на социјалните мрежи по изјавата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека добива закани по живот од, како што вели, „урбана мафија“ од скопската општина Чаир. Апасиев ја обвини Министерството за внатрешни работи дека не презема ништо, и покрај сериозноста на заканите.
„Градоначалник на главен град (не навлагам каков табиет е), јавно кажува дека има закани по живот од урбана мафија од Чаир – коалиционен партнер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ – и МВР не презема буквално ништо!?“ напиша Апасиев на Фејсбук.
Тој остро ја критикуваше власта, нарекувајќи ја „корумпирана багра“, и предупреди дека граѓаните ќе бидат принудени сами да се заштитуваат, алудирајќи на целосната нефункционалност на институциите.
Апасиев прашува дали граѓаните треба да се вооружат со акалашникови за да се заштитат во ситуација кога, како што вели, „државата е приватизирана од политичко-мафијашки структури“. Според него, ваквото однесување на институциите покажува дека не делуваат во интерес на сите граѓани, туку дека да се во сопственост на партиски елити.
Засега, од МВР нема официјален одговор на обвинувањата за сериозен криминал во Чаир.