Мицкоски го обвини Пендаровски дека бил пион на Заев и ја узурпирал функцијата


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја помина линијата во односите со претседателот на државата обвинувајќи дека ја узурпира функцијата со тоа што му го доделил мадатот за составување на владата на лидерот на СДСМ. Христијан Мицкоски уште најави дека попладнево со група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе замине во канцелариите на претседателот Стево Пендаровски за шефот на државата да му даде отчет врз основа на кои уставни надлежности го направил тој потег.

„Денес од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски беше прекршен Уставот. Без никаков доказ кој е неопходен за поседување на парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник, тој го додели мандатот за состав на нова Влада на пратеникот Зоран Заев. Од тука, од овој момент не може никако поинаку да се опише оваа состојба освен дека мандатот е узурпиран. Би рекол киднапиран и во рацете на човек како Зоран Заев. Ова претставува продолжување на неславната пракса на кршење на Уставот, при што сега активен учесник е и претседателот на државата“, рече Мицкоски на прес-конференција.

Опозицискиот лидер уште го обвини Пендаровски дека станал „соучесник во криминалот и хибридниот режим на Зоран Заев. Стево Пендаровски покажа дека не е претседател на сите граѓани, а најмалку заштитник на Уставот. Туку, за жал, покажа дека е пион, извршител во рацете на неговиот партиски шеф Зоран Заев“.

Според Мицкоски, „ваквото узурпирање на мандатот е со цел да се добие дополнително време во кое претседателот на СДСМ… ќе ги искористи овие 20 дена врз основа и на претходното искуство кое го видовме да прави непринципиелен и нехуман притисок и уцени врз пратеници за да обезбеди мнозинство во парламентот“.

Обвинувајќи го претседателот дека не кажал ниту еден збор за покачувањето на цената на струјата и за намалиниот стандард на граѓанатите, но дека бил „активен соучесник во злоупотребите на вонредната состојба“ и без посебна експликација му го доделил мандатот на Заев. Затоа денеска попладне со дел  дел од пратеничката група „ќе дојдеме пред канцеларијата на претседателот на Водно при што бараме итна и неодложна средба на која што ќе објасни врз основа на кој доказ го убедил пратеникот Зоран Заев дека поседува мнозинство и му го доделува мандатот. Очекувам средба на која ќе се разговара конкретно и без одлагања, не смееме да премолчуваме на кршењето на правото и подривање на правната држава“, рече Мицкоски.