Мицкоски го нападна Петков: Овој харвардовец не е храбар

Кирил Петков го потврдува концептот познат како живковизам на негирање на македонската нација, македонскиот јазик, па дури во одредена мерка и на македонската држава, рече Мицкоски.


 

Ако ја анализираме оваа последна изјава на Кирил Петков за „Политико“, доаѓам до заклучок дека станува збор за политичар кој не е храбар. Зошто ова го кажувам? Затоа што ако неговата политичка кариера е пред интересот да има добрососедски односи со неговиот западен сосед кој што многу одамна требаше да ги започне преговорите со Европската унија бидејќи народот тоа го заслужи, а не оваа влада која што е сега. Тоа е нечесно, лицемерно и во најмала рака можам да констатирам дека станува збор за човек кој не е храбар, кој што неговиот кариеризам е пред европските вредности. За  мене тоа е разочарувачки, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Македонското радио.

Мицкоски истакна дека врз основа на информации со кои располага доколку целосно или делови од Резолуцијата која беше усвоена од Бугарскиот парламент во ноември 2019та година, а потврдена од бугарската влада, не влезат во тој документ кој евентуално би се потпишал од македонската страна или би бил дел од преговарачката рамка во пред пристапните преговори, тогаш Македонија не би добила зелено светло за отпочнување на преговорите.

„Овој харвардовец, кој беше најавуван како либерален политичар, дека имал полиберални позиции во однос на прашањето со Македонија, гледаме дека не само што неговите ставови се конзервативни,  не само што се регресивни, туку тој го потврдува  концептот познат како живковизам на негирање на македонската нација, македонскиот јазик, па дури во одредена мерка и на македонската држава“, рече Мицкоски.