Мицкоски го нападна и Пендаровски на митингот во Крушево


Од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево

 

Освен стандардните обвинувања против Венко Филипче, Али Ахмети и Димитар Апасиев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Хриастијан Мицкоски вечерва ги сврте своите напади и кон поранешниот претседател Стево Пендаровски по неговото петочно учество во поткастот „Политиканти“.

„Тој го нарече „главен трачер во друштвото“, откако Пендаровски вчера соопшти дека лицата со кодни имиња „Цилиндар“ и „Џокер“, кои Мицкоски ги спомена во Собранието во наводната афера за следење, бели всушност агенти, од кои еден на домашните служби (и е во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а другиот на најголемата тајна служба во светот. Не споменувајќи го по име Мицкоски зборуваше и за новинарот Бранко Тричковски, кој по еден негов пост на Фејсбук беше повикан во полиција на информативен разговор.

„Од вчера го вклучија и поранешниот претседател и главниот трачер во друштвото Стево Пендаровски, кој кутриот на јавна сцена призна дека следел и знаел за прислушувањето. Тој во настапот го опиша во детали пола мој работен ден, работи кои не се кажани никаде и кој може да ги знае само човек кој добивал извештаи за следење и притоа сакајќи да вметне некаков црв на сомнеж фрла светло дека луѓе блиски до мене ме кодошеле. И ме повикува јавно да сум кажел кои се тие луѓе. Јас не знам кој се тие луѓе и дали постојат, но знам дека во држава со сериозно обвинителство треба уште утре да го повика Стево Пендаровски и да даде изјава пред обвинител за ова кривично дело кое јавно го призна и би се водела постапка за неовластено следење на политичките конкуренти. Ете до толку се забегани и до толку одлепени од реалноста“, рече Мицкоски.

На митингот во Прилеп тој зборуваше за лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„Во однос на тезите кои ги повторува претседателот на СДСМ – дека не ни се плашеле. Прво да кажам дека тој пристап на прекумерно силење, па како јас сум имал треперлив глас, и така натаму е детски и типичен за луѓе кои се плашат. Од чие име зборува? Кои е тоа тие кои не се плашат? Јас повикувам на борба против корупција на криминалци, а тој вика не ти се плашиме, со што потсвесно човекот се идентификува со криминалците на кои јас во моите говори се обраќам. Еве да му кажам најдиректно, бидејќи ме прозива, Секој ќе одговара! Од првиот до последниот секој што се огрешил ќе одговара“, кажа Мицкоски.

За Пендаровски во Прилеп зборуваше и потпретседателот на партијата, Александар Николоски. „Очајни, панични, гледам дека се свесни што ќе се случи, па се обидуваат во последните денови да внесат и по малце во целата работа и хумор и сатира. Па вчера не издржа и Стево Пендаровски, којшто вие народот, на минатогодишните избори го поразивте како никој друг претходно. Ни срам, ни перде, излезе, зборува, раскажува бајки. Вели 90 отсто од политичарите биле опседнати со тајните служби, демек тој не бил, а пола интервју му беше за тајните служби и само потврди дека ги злоупотребувал“, рече тој.