Мицкоски го избира потешкиот пат кон ЕУ, полесниот бил понижувачки

Ако треба да одиме, ќе одиме по тешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија, бидејќи тие на крајот на денот создаваат проблеми за идните генерации, изјави премиерот Мицкоски на годинашниов самит Македонија 2025


(Фото: Фејсбук - Македонија 2025)

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата која што ја предводи го одбрала потешкиот пат во евроинтеграцијата на земјата, кој што има своја цена, но полесниот пат пак, е проследен со друг вид предизвици кои најчесто се понижувачки. Зборувајќи на Самитот на Македонија 2025, во интервју со извршната директорка на оваа иницијатива, Никица Мојсоска Блажевски, Мицкоски рече дека за него достинството нема цена. Тој исто така посочи дека по завршување на мандатот како премиер има намера да се врати на факултетот како универзитетски професор. Мицкоски, зборувајќи за странските инвестиции рече дека е потребен нов пристап и дека на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват,  ќе предложи регионална иницијатива за привлекување странски инвестиции во инфраструктурата потребна за развој на Вештачката интелигенција, а тоа се дата центри и изградба на електроцентрали кои се неопходни за опслужување на капацитетите за ВИ.

Во однос на евроинтеграцијата на земјата, Мицкоскик рече дека кај граѓаните оваа, како што ја нарече „недокажана приказна“ или „недосонуван сон“ создава фрустрација, а не очајување или чувство да се откажеме.

„Бидејќи, кога ќе ги гледате јавните мерења, ќе видите дека поддрршката е горе – долу константна и таа треба да остане константна бидејќи тоа е нашата стратешка цел, да немаме никаква дилема“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека во зависност од тоа каква политичка идеологија има, секоја влада има матрица на приближување и остварување на таа стратешка цел, како и дека Владата која што ја предводи има различен пристап споредено со претходната.

„Ние цениме дека пократок пат нема, т.е. има, но тој пократок пат има свои предизвици, најчесто се понижувачки“, рече Мицкоски.

Затоа, како што додаде, ако треба да одиме, ќе одиме по тешкиот пат, но тоа место ќе го заслужиме со квалитет и со испорака, а не со тоа што ќе потпишуваме бели листови хартија, бидејќи тие на крајот на денот создаваат проблеми за идните генерации.

„Затоа одлучивме да одиме по потешкиот пат. И тој потежок пат има своја цена, затоа што најчесто бирократите ќе ви кажуваат што треба да направите бидејќи за нив тоа е ‘бизнис ез јужуал’, а за вас е сѐ“, рече Мицкоски, посочувајќи дека достоинството нема цвена, како и дека е подготвен да трпи критики, навреди и често пати и невистинити работи и измислици.

„Тоа е цената која што треба да ја платите и да издржите“, рече тој додавајќи дека верува дека овој потежок пат е поисправниот пат, „можеби е поспор, изобилува со предизвици, но нема друг пат“.

На таквиот пат, Владата и земјата мора да докажат дека се најдобри, посочи Мицкоски илустрирајќи го ова со мерењето за направените реформи кои се дел од Реформската агенда, каде што во јануари годинава, од 21 сме имале успешно завршени 16 индикатори и во тој дел сме биле најдобри во групата Западен Балкан 6.

„Сега имаме ново мерење во јуни. Работиме интензивно, да испорачаме. Утре имаме подолг состанок преку видео врска со господинот Копфман, кој што во принцип ги движи тие активности, очекувам дека ќе се приближиме со т.н. фронтранер, Црна Гора“, рече Мицкоски, при што малку иронично забележа дека пред икс години Македонија била фронтранер и тогаш ни велеле дека треба „само името да го смениме“.

„Но, еве и по 25 години сме на истото место, онаму кај што бевме пред 25 години“, рече Мицкоски, додавајќи дека треба да веруваме во себе и дека тешко дека некој ќе не забележи ако немаме исклучително вонреден квалитет и успеси. Тој нагласи дека нема друг избор отколку да издржи, но притоа не треба да бидеме тврдоглави, бидејќи тоа не е добро.

„Да работиме, да испорачуваме. Акциски план за малцинства испорачан, Реформска агенда први во испорака… Мора да покажете квалитет, тогаш и најголемите ќе признаат и ќе симнат капа и ќе речат дај да не се глупираме со имиња – презимиња и сите други устави, мустави и слични работи“, рече Мицкоски.

Зборувајќи за потребата од нов пристап кон странските инвестиции Мицкоски рече дека со ова што до сега е направено, практично како земја го исцрпуваме човечкиот капацитет, и дека колку и да звучи грубо, можеби треба да се насочиме на друг тип странски инвестиции.  

Притоа, рече дека тоа ќе го образложи и во Тиват на состанокот ЕУ – Западен Балкан.

„Јас не сум професионален политичар, јас сум инженер, претпоставувам дека на крајот на овој мандат ќе се вратам помеѓу студентите на факултетот, за разлика од повеќето колеги, лидери на држави и премиери во регионот. И ценам дека нешто треба да оставиме во регионот што ќе биде регионална иницијатива, бидејќи зборуваме за недоразбирања, конфликти и тн. А, не зборуваме за нешто што не обединува“, рече Мицкоски.

Таа иницијатива се состои во веќе изложената идеја на Мицкоски, по неговото учество на годинашниот Светски економски форум во Давос, за привлекување инвестиции во енергетиката, но не како поединечни земји, туку како регион. На таков начин, според него, би можеле да се најдеме на мапата на странските инвеститори, имајќи предвид дека развојот на Вештачката интелигенција ќе бара многу енергија. Притоа, доволно е да се привлече само дел од тие инвестиции, а тоа би можело да значи најмалку 400 милијарди долари годишно за сите шест земји од Западен Балкан, кои сега заедно имаат номинален БДП од 250 – 280 милиони долари.

Зборувајќи за предностите кои што ги има Македонија, Мицкоски рече дека главната предност на земјата ја гледа во поврзувањето, односно во географската положба на земјата како крстосница на два важни коридори. Но, за тоа да ги даде очекуваните придобивки, неопходно е земјата да ги заврши сите инфраструктурни проекти, како што се автопатиштата, железницата, далноводот кон Албанија, како и гасното поврзување со Грција, кое што треба да се случи идната година, и продолжувањето на гасоводот кон Србија и еден крак кон Косово. Само така, Македонија ќе може да ги искористи сите потенцијали како крстосница на коридорите осум и десет.

Годинашниов Самит на „Македонија 2025“ се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“.

Одговарајќи на прашањето за работата и улогата на „Македонија 2025“, Мицкоски рече дека како организација, идеја и визија е исклучително голема додадена вредност за својата татковина.

„Мислам дека можеби сега тоа што ни треба е поголема гласност во светските центри, поголема гласност во клучните светски центри во Европа, во САД, на другите континенти. Ние мораме да се бориме за нашата вистина. Ако ние не се бориме за нашата вистина, повторно ќе кажам, тоа не значи дека треба да сме тврдоглави, но ако не се бориме за нашата вистина и ако тоа храбро не го кажеме и аргументирано, за да звучи логично, тогаш ќе ја изгубиме битката“, рече тој додавајќи дека Македонија 2025, со својата мрежа, со својата веќе институционална меморија од 18 години, може да биде исклучително голем амбасадор за својата татковина и за граѓаните во Македонија.