Мицкоски ги обвини гневните родители од Кочани дека правеле политичко движење

Премиерот не одговара на тврдењата на родителите дека има селективна правда, туку го обвини СДСМ за некрофилија, па ги споменуваше малата Тамара и Мартин Нешковски


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека имало скриена агенда и манипулација со темата за трагедијата во Кочани и маката, тагата и непреболот на родителите на загинатите деца.  И тоа го нарече некрофилија на СДСМ. Тој рече дека „едно граѓанско движење преминува во политичко движење“. Па ја споменуваше судбинатае на девојчето Тамара од Велес, убиството на Мартин Нешковски (и двете во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ), а и убиствата на крај Смилковското Езеро (исто во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ).

Денешната тирада на Мицкоски дојде по вчерашниот марш на родителите на загинатите од Кочани, кај кои се зголемува гневот и револтот и побараа оставки од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од премиерот и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Таткото на еден од загинатите, зборувајќи за бесчувствителноста на функционерите, ја нарече претседателката Сиљановска „маќеа“, а не мајка на нацијата.

Премиерот не кажа ниту еден збор за маката на родителите на загинатите, ниту за одговорноста на владините функционери од различни позиции. Тој зборуваше на омилената тема  против ДУИ и нејзиното барање за предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ немало да соработува со ДУИ додека интегративците не се реформирале. Ова обраќање беше пред членовите на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, кои одбележуваа годишнина пред споменикот за НОБ во Велес.

„Сакам да се осврнам и на некрофрилијата на СДСМ, познатата стратегија на СДСм да ги злоупотребува сите колективни или индивидуални несреќи и да создава политика од нив. Сакам да предупредам за скриената и сѐ поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани преминува во политичко движење. Од поддршка на ужасите жртвите од ужасниот хорор во Кочани говорат за катни гаражи, водоводи канализации, исполнети неисполнети ветувања и се така по ред во духот на локалните избори“, рече премиерот Мицкоски.

Па наместо да одговори на барањата на родителите од Кочани Мицкоски зборуваше за тоа дека СДСМ, наводно, ги злоупотребувал трагедиите на Тамара и Мартин Нешковски.

„Се сеќавате ли на трагедијата со малата Тамара. Се сеќавате ли на трагедијата на Мартин Нешковски. Се сеќавате ли на жртвите од Смилковското Езеро, се сеќавате ли дека истите овие луѓе ветуваа правда, ветуваа мир, ја злоупотребуваа на некрофилски начин и тогаш и денес трагедијата на родителите и блиските на семејствата. А што добија. Станаа милијардери, а вистината и тогаш и денес беше таа дека единствената владина и политичка опција која што прави и сочувствува и сака да направи е владата на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме овие некрофили да манипулираат со човечката судбина и на тој начин да се обидуваат да се вратат на власт“, нагласи премиерот.

Тој немало да дозволи врз „грбот на напатениот народ да прават политика и безобразно да ги злоупотребуваат судбините на цел еден град“.

Според него, за Кочани не се помагало со прес конференции, туку со дела, „а историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија“. Тој нагласи дека самиот интензивно работел на проект кој ќе би од историско значење за Кочани.

Како многу пати досега тој сето тоа го поврза како негов личен проект. „Ова го работам со ЕУ. Со тоа што драматично ќе се подобрат условите за живот“, рече Мицкоски.

На овие негови обвинувања од СДСМ одговорија дека Мицкоски е тој што се занимава со некрофилија споменувајќи ги Тамара и Мартин Нешковски.

„Сериозно загрижува нервозата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски кој од прославата на младинската организација на неговата партија, на висок тон, видно гневен продолжи да ги навредува луѓето и родителите кои секоја сабота мирно маршираат во Кочани барајќи правда за своите деца и помош за повредените. 

Во својата забеганост Мицкоски денес од Велес, врескаше и ги обвинуваше родителите дека од граѓанско движење полека се претварале во ‘политичка партија’. 

Овој наратив на Мицкоски сериозно загрижува, особено поради фактот што на овој начин се повикува на јавен линч на родителите на загинатите и повредените и нивните семејства. 

Забеганоста на ваквиот наратив е и во фактот што Мицкоски ја покажа својата лутина и гнев кон родителите, недостасуваше уште да ги обвини за трагедијата и за неговиот рејтинг. 

Мицкоски се дрзна да ги споменува и жртвите во случајот со Мартин Нешковски, малата Тамара но и Смилковско Езеро. Ова е некрофилија и јавен линч врз жртвите од трагедии, за кои Мицкоски вели дека се некрофили и негови политички непријатели“, соопштија од СДСМ.