Мицкоски: ЕУ без условување треба да почне преговори со Македонија (фото)
Македонија мора да отпочне преговори со ЕУ час поскоро, мора да се случи час поскоро таа меѓувладина конференција. Тоа е нашата единствена иднина, а ВМРО беше создадено како резултат на прозападните убедувања, затоа што кога многумина во Европа зборуваа за монархии и царства, ВМРО се бореше и крв лееше за сопствена република на Балканот. Македонија даде илјадници жртви во борбата против фашизмот, борбата против крвавиот дел од комунизмот. Македонија е браникот со кој се брани Европа, порача во своето обраќање лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред Собранието во рамки на протестот на партијата со автомобили.
Новиот протест на ВМРО-ДПМНЕ е насловен како „протест против мафијата и за слобода и правда“. Во Скопје почна од две собирни точки во Скопје – СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“, а заврши пред Собранието, а по говорот планирано е заминување со автомобили во Штип преку автопатот Гоце Делчев, каде ќе заврши пред Учителската школа каде своевремено учителствувале Гоце Делчев и Дамјан Груев.
Вистинско време, рече Мицкоски, е Европа сега и веднаш, да му врати на овој народ без условувања, без уцени европска иднина.
– Европа е таа што ги има во своите раце иднината на овој народ и држава. Независно од политичката импотентност на Заев и неспособноста вистински да се препознае стратешкиот момент. ЕУ без условување треба да почне преговори со Македонија и тоа да се случи час поскоро. Тоа е единствениот начин да се има цел, а тоа е да се движи земјата напред, посочи Мицкоски.
Според него, доколку биде прифатено дека Гоце Делчев во регионална смисла бил Македонец, а по националност Бугарин, тоа ќе значи удар во темелите на македонската нација.
– Доколку навистина биде прифатено од страна на оваа политичка мафија предводена од Заев дека Гоце Делчев во регионална смисла бил Македонец бидејќи бил роден на географската територија Македонија, а по националност бил Бугарин, нашиот мајчин македонски јазик е лингвистичка форма на бугарскиот, тоа ќе значи целосно асимилирање на македонската нација, удар во темелите на македонската нација и современата македонска нација и дополнително понижување. Ако оваа политичка мафија донесе таква одлука, следната влада на ВМРО ДПМНЕ, истатат таа одлука веднаш ќе ја поништи и никогаш понатаму нема да ја почитува. Нека остане запишано. Да не биде потоа дека не сме предупредиле, рече Мицкоски.
Во однос на лидерската средба која тој ја побарал, рече дека нема простор за суетност, туку одговорност за својата држава и оти треба да се разговара.
– Важно е да се постигне македонско национално единство, да не се делиме затоа што сме и вака поделени. Мора за клучните прашања да покажеме единство, морал и црвена линија која заедно ќе ја браниме, посочи Мицкоски.
Тој го честита празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, нагласувајќи дека оваа година навршуваат 127 години од формирањето на ВМРО, и 30 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
– ВМРО е живо. ВМРО е пркост, пиреј, аманет, обврска, должност почитување. ВМРО е нашата сила, но и нашата слабост. ВМРО се Илинденците, Партизаните, Асномците. ВМРО е потта на земјоделците, крикот на младите, волјата на спортистите, надежта во обединета Европа. Љубовта кон земјата од уставобранителите. ВМРО е чекањето за подобра иднина и немирот за слобода, правда и човечко достоинство. Ако ВМРО е нашата икона во која веруваме, тогаш Македонија е храмот, домот на таа икона. И се додека ВМРО е пламенот, Македонија е тука и жива. Нека ни е честит и вековит денот и да си го славиме уште многу лета, заклучи Мицкоски.
Во својот говор тој со критики кон актуелната Влада, велејќи дека денес имаме држава, но немаме ниту слобода ниту правда.
– Имаме работа со влада за која магарињата вредат повеќе од човечките животи. Оваа магарешка влада на Заев е најнеуспешната во овие 29 години независност. Ако мислиме дека транзицијата беше нашиот најтемен период, Заев со неговото работење не разубеди дека и од лошото има полошо. Најдоброто што знаат да го изустат е дека Мицкоски немал став за ниту едно прашање, со надеж да ги завртат погледите кон нас за да не се види нивната политичка бедотија и неспособност. ВМРО-ДПМНЕ нема прашање за кое немаме јасен, прецизен, дециден став исто како што Заев и неговата магарешка влада немаат решение за ниеден проблем што е секојдневие на народот во Македонија, рече Мицкоски.