Мицкоски егзалтиран, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ биле херои


Сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ имаат  исклучително квалитетна година, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на политичкиот саем што два дена оваа партија го организираше со градоначалниците. Како и вообчаено, Мицкоски беше фасциниран сам од себе и од партијата.

– 365 дена импозантна статистика, импозантни резултати, повеќе од 125 милиони евра инвестирани или во фаза на инвестиции се капиталните проекти кои се реализирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да се заблагодарам за сето она кое што го направија и да потсетам дека тука не завршува се, ние мораме да покажеме и да работиме двојно повеќе во периодот кој следи, да покажеме дека не се сите исти, изјави  Мицкоски преставувајќи ги заклучоците од дводневниот политички маркетинг.

Мицкоски во обраќањето тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ покажува одлични резултати и во општините каде нема градоначалници, а учествува во локалната самоуправа и како примери ги посочи јавните претпријатија со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и Куманово. 

-Нормално е дека секогаш може подобро, но имајќи ги ви предвид околностите и ресурсите со кои располагаа градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, имајќи во предвид во која ситуација се случуваше сето ова и што наследија, мислам дека направија повеќе од што можеа, рече тој, па градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече херои бидејќи, и покрај сите опструкции од власта, успеале да реализираат голем дел од проектите.

-Овие луѓе се навистина херои со тоа што успееја да го направат изминатите 365 дена, нормално тука со огромна поддршка на пратениците во парламентот од ВМРО-ДПМНЕ, со огромна поддршка на советниците во советите од ВМРО-ДПМНЕ, со огромна поддршка на луѓето кои што ги водат јавните претпријатија и народот кој што дополнително ги мотивира. И убеден сум дека во периодот кој што следи ќе го искористат тој мотив и ќе биде уште подобро и ќе има уште повеќе проекти, а нормално веќе и со иднината влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе им бидеме и ние ветер во грб, наместо оваа влада денеска која што опструира, рече Мицкоски.

Ние ќе мотивираме се со цел да реализираат што е можно повеќе проекти и да продолжат онаа традиција на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е брендот ВМРО-ДПМНЕ кој што носи проекти, иновира и кој што носи подобри времиња, изјави Мицкоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на Заклучоците од „Саемот на промени што носат иднина“ рече дека околу 125 милиони евра се вложени во проекти за период од 365 дена.

-Владата ова ни го ветуваше за изминатите шест години. Ветуваа дека ќе изградат над 600 километри автопат, 1000 километри регионални, но и илјадници локални патишта. Сега прашањето е дали даваат доволно средства кон општините за да се реализираат тие илјадници километри патишта. Самата Влада тоа не може да го направи, тие ветени илјадници локални патишта ги нема, ама затоа ги прават градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски, додавајќи дека наскоро ќе има парламентарни избори, ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и ќе се почувствува разлика.