Мицкоски: Заев сее магла, ќе одговараат од прв до последен


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во Драчево во рамките на кампањата за „Обнова на Македонија“. Од таму, тој порача дека за неколку месеци партијата ја чека силен предизвик, затоа што откако ќе дојде на власт, ќе мора државата да ја крене од пепел. Лидерот на опозицијата тврди дека досега слушнале за петнаесетина илјади проблеми на граѓаните, за кои ќе се обидат да најдат решение во изборната програма.

„Можеме да кажеме дека сме успеале кога нема да ветуваме дека ќе направиме во нашиот мандат 500 евра просек плата за вработените, а ќе оствариме да биде многу повеќе. Кога во нашиот мандат нема да велиме дека ќе имаме неколку проценти раст на БДП, а ќе направиме многу повеќе од тоа што ќе го ветиме. Кога нема да ветуваме она кое што го ветуваа нашите политички противници, а направија сосема спротивно“, рече Мицкоски.

Тој вети дека идната влада ќе ја врати правната држава, ќе нема привилегирана каста на луѓе и политичари, а секој што се огрешил пред законите и се осрамотил пред граѓаните ќе одговара без политичка интервенција.

„Јас стојам пред вас и ви ветувам дека за неколку месеци од сега од овој ден, народот и најголемата коалиција која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе го порази Зоран Заев и СДСМ и ќе го прати во политичка пензија, а потоа сите оние кои се огрешиле пред законите, сите оние кои се осрамотиле пред вас граѓаните, пред нас граѓаните, ќе одговараат од прв до последен. За сиот криминал, за целото понижување, за целокупното национално предавство, за сиот арамилук и за целата корупција која што денес е опсипана со канџите на октоподот, а главата на октоподот шета низ Македонија и денеска е во Прилеп и сее празна слама и ветува нешто кое повторно ќе го рецитира исто како што го рецитираше пред три, четири, пет години за пуста власт, за пусти пари и за пуста фотелја“, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.