Мицкоски: Денеска сме заробеници во кафези


 

По положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоск, рече дека било срамота што имало толку големо полициско обезбедување и поради тоа граѓаните не можеле слободно да му оддадат почит на великанот.

„Срамота е ова денеска што ни се случува, да бидеме робови во својата држава, да бидеме заробеници кои ги држат во кафези, и кои што не можат во 21. век во слободна Европа да оддат почит на великанот, на човекот кој што титан за македонската држава“ изјави тој.

Според него ова што денеска се случува е примитивна естрадна политика. Тој вели дека се почувствувал разочаран додека чекорел низ две барикади поставени на контролен пункт под Калето до црквата.

„Наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство ние денеска за жал сме подалечни од кога било во нашата историја. Пред 68 месеци кога дојдоа на власт тие ветуваат живот, дека ќе ја однесат во Европа, а ние денеска во однос на корупцијата сме рамо до рамо со Тунис и Индија, а во сите останати параметри сме последни на Балканот, и за жал никогаш подалечни од нашите соседи. Денеска има безбедносни мерки од прв степен, хеликоптери надлетуваа како во воените времиња“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека не гледа проблем Бугари да дојдат и да го слават Гоце Делчев, но не како бугарски револуционер, туку како македонски. Одговарајќи на прашања од бугарски новинари им порача дека нивните политичари биле естрадни циркузанти.

„Вашите политичари нѐ враќаат во Средниот век, а не нѐ носат во 21 век. Наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, размена на технологии, тие не враќаат во Средниот век. За да соберат ситни поени, бугарските политичари кои за да соберат ситни политички поени се прават себеси тоа што не треба да се прават. Тие стануваат естрадни циркузанти од политичари“, рече Мицкоски.

„Треба сите да се почитуваме ако сакаме да градиме добри односи. Со негирање на македонскиот јазик, култура, вие не можете да ги почитувате. Па доколку тие одлучиле да го слават Македонецот Гоце Делчев не гледам зошто би имало проблем. Ние сме мирољубив народ, секој што доаѓа со добра мисла, го почитуваме и очекуваме да нѐ почитува“, додаде Мицкоски.