Мицкоски: Да видиме што подразбира Заев под тоа брзи избори


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес од Гостивар каде има средби со граѓаните иронизира со понудата на премиерот Зоран Заев велејќи дека  „очекувам до утре, за кога е закажана лидерската средба кај Пендаровски, тој да си го промени ставот“.

„Ние имаме план, имаме визија, стратегија, знаеме како да ја направиме Македонија, модерна европска држава, во која ќе владее правото. А, знаејќи каков е Зоран Заев, кај него работите се менуваат од час во час, очекувам и да се премисли за предвремените избори, веќе утре. Ајде и да претпоставиме дека овојпат ќе биде конзистентен, да го слушнам неговиот предлог, да видам што подразбира под тоа брзи, предвремени парламентарни избори, па дури потоа да одговорам што очекувам од лидерската средба. Законот е јасен што се подразбира под предвремени избори. Ние предлагаме избори веднаш веќе месеци наназад, не како избори за пуста власт, туку за да направиме нешто што ќе ја определни иднината на оваа државата, како што треба.“, рече Мицкоски.

Во своето обраќање на градскиот плоштад, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека дошло време да им се стави крај на политичари кои со лаги, измами и неисполнети ветувања ги користеле привилегиите во Владата. „Секој оној кој како политичар ја добил довербата од граѓаните, а не исполнил , па и почнал да дејствува коруптивно, криминално, ќе сноси одговорност, без разлика од која политичка партија доаѓа, доста им е на граѓание од ваков тип на политичари. Не само политичарите, ќе видиме како е возможно обвинители и судии да располагаат со безброј станови, викендици, апартмани. Ќе предложиме уставни измени економскиот криминал да не застарува, секој кој го направил – да одговара. Ќе побараме поддршка во новата Влада која ќе ја предводи ВМРО од сите политички партии, народот на избори да го бира јавниот обвинител, а тој да биде обврзан пред народот да го гони секој кој сторил криминал.“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.