Мицкоски чека Пендаровски да му ја заврши работата со референдумот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека консултациите со експертите и внатре во партијата за референдумското прашање „конвертираат“ кон она што го кажа и претседателот Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, е за задолжителен референдум.
-Многу блиску сме до таа содржина што тој ја кажа во јавноста и јас очекувам како што ја кажа во јавноста тој, доколку конвергира суштината на тоа референдумско прашање, Пендаровски да излезе јавно со став и да каже дека ќе излезе и дека ќе гласа заедно со своите соработници, нормално според своето убедување, дали треба да продолжиме под овие услови, под услови на диктат, или под некакви други услови како што мисли ВМРО -ДПМНЕ и некои други партии, рече Мицкоски по посетата на Петровец.
Мицкоски очекува поддршка од претседателот Стево Пендаровски и ги повика сите политички партии, вклучувајќи ги партиите на Албанците во опозиција, како и од МАНУ, од универзитетите и од верските заедници. Изрази подготвеност да се сретне и со претставници на Владата во врска со референдумското прашање на нова лидерска средба во Клубот на пратеници да разговараат и да го утврдат референдумското прашање.
-На следниот состанок на Извршниот комитет ќе излезам со позиција откако ќе завршат консултациите и со коалициските партнери бидејќи сакам да го слушнам и нивното мислење, вели Мицкоски.
Тој е убеден дека СДСМ и ДУИ сакаат референдумот да не успее од формално правен аспект односно да нема 50 плус еден глас од бројот на избирачи.
-Ние сме за задолжителен референдум. Нашата суштина е што е можно повеќе граѓани да излезат на референдум и да си го дадат својот глас. Доколку власта се одлучи да не го бојкотира и да не го попречува референдумот, јас сум убеден дека референдумот ќе биде успешен, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски исто така, е подготвена за избори во кој било термин што нема да се доведе во врска со референдумското изјаснување.
-Ние сме на ставот дека оваа Влада е исклучително корумпирана, дека нема визија и дека треба да замине час поскоро, повеќе да не се повтори никогаш, така што кој било термин кој никако нема да се доведе во врска со референдумското изјаснување е за нас добредојден. Подготвени сме да излеземе на избори и да освоиме мнозинство во Парламентот со што ем би немало од една страна уцени за ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна би можеле да ги исправиме грешките и да донесеме обнова и подобар живот за граѓаните, изјави Мицкоски.
Опозициската партија најави дека ќе собира 150.000 потписи за референдум за тоа дали граѓаните сакаат да одат во ЕУ под вакви услови, во контекст на потпишаниот протокол со Бугарија.
Мицкоски денеска исто така најави дека по годишниот одмор во Собранието ќе продолжи активната блокада и оти ќе пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заострат нивните чакори. Според Мицкоски, опозициските пратеници со активната блокада спречиле носење на штетни закони, за што реагирале и граѓаните.
За празникот Илинден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ традиционално ќе се обрати во струшко Тасмаруништа.